Обвинение за борците на ИСИС од Македонија во случајот „Ќелија“

279

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против седум македонски државјани за делото учество во странска војска, паравоени или параполициски формации. На еден му се става на товар и делото терористичка организација.

Петмина од обвинетите се дел од истражни постапки во рамките на претходни акции познати во јавноста како „Ќелија 1“ (август 2015) и „Ќелија 2“ (јули 2016), но беа недостапни на органите на прогонот и за нив беа активни национални и меѓународни потерници.

– Обвинетите како странски терористички борци активно учествувале во војните во Сирија и Ирак. Со намера да станат учесници во паравоените формации ја напуштале територијата на Република Македонија и заминувале за Сирија каде се обучувале и учествувале како борци на ИСИС. Освен што учествувале во паравоените формации надвор од Република Македонија, обвинетите обезбедувале, собирале финансиски и материјални средства за лица кои учествуваат во овие формации, користејќи ги социјалните мрежи и друг вид на комуникација повикувале, врбувале и поттикнувале други лица да учествуваат во паравоени формации надвор од Република Македонија. Обвинетиот на кој му се ставаат на товар две кривични дела – Учество во странска војска, паравоени или параполициски формации и Терористичка организација бил припадник и на терористичката организација „Исламска држава“ – наведуваат од обвинителството.

Обвинетите во август годинава беа предадени на македонските органи на прогонот откако беа уапсени во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за борба против тероризмот и Сириските Демократски Сили.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...