Боже, боже, боже… Исусе Христе! Е ова навистина е шокантно, да не речам јебитачно. Ова е најсилен удар врз новата власт досега!
Вие, господо амбасадори на Холандија, на Велика Британија и на САД, ќе сте го чистеле кејот на Вардар. Демек, да ни покажете пример. Да ни одржите лекција по хигиена. Оти сме биле валкани. Тоа сакате да кажете, нели?
Па како не ви е срам!
Пред сѐ, ова е грубо мешање во внатрешните работи на ЈП „Комуналец“. Вие излегувате надвор од вашиот дипломатски мандат. Да сум јас некој во МНР, веднаш би ви упатил протестна нота и би ви се заканил дека ќе бидете прогласени за персони нон грата. Па не може само руски дипломати да бркаме, ало!
Освен тоа, ова е притисок врз градоначалникот Петре Шилегов. Кој сега не е само градоначалник на Скопје, туку и прв потпретседател на НАЛАС, бе! Вие немате поим што е тоа. Немам ни јас, ама Петре е прв потпретседател, а не втор или трет. Па малку ли е тоа за десет месеци власт? Само да се критикувало…
И вака ли се чисти?! Ве видов јас, екселенции, како чистевте и порано, покрај Вардар, на езерото Треска, на Маврово. Сте биле ли да видите како сте ичистиле? Пак на сите страни ѓубре до колена.
Едно да ви е јасно – не можете вие да исчистите толку колку што ние можеме да извалкаме!
Ова е чист популизам. Вие, екселенции, може да одлучувате кој, кога и како ќе чисти во вашите земји, а не во нашата. Добро, заради ова со НАТО и ЕУ, можеме да направиме компромис, можеме да бидеме чисти за меѓународна употреба, да речеме, но тука дома, ние сакаме да си бидеме валкани. Па не сакате белким и дома да се обезличиме, што би рекол Заев?
Е тоа не може! Ако не ви се допаѓа градот, ако ви е валкан, седете си сами во амбасадите и во резиденциите. Нам ни е убаво вака. Ние чистиме еднаш во три години и чисто ни е. Ај сега сиктер и друг пат – памет во глава!