Нѐ убива неукоста

Најголемиот дел од вината за ужасниот степен на нестручност и некомпетентност во уметничките институции повторно лежи кај државата која толерира етно-партиски вработувања и раководни кадри кои појма немаат за работата што треба да ја вршат.

491

Особено е важно кога демантите, во што и да е, доаѓаат од младите генерации уметници/културни работници. Тоа, во случајов со мојата теза за заспаноста/пасивноста на македонскиот уметник во однос на актуелните состојби во културата и во уметноста, но и во општеството во целина, доаѓа од двајца млади (Јана Јакимовска и Ненад Тонкин) кои, со нивниот site specific проект „Визија Скопје“, говорат за узурпацијата на јавниот простор во градов и, секако, критички го опсервираат т.н. проект „Скопје 2014“. И токму тоа е работа на македонскиот уметникот денес! Што ќе рече, не биле баш сите македонски уметници заспани!? А сепак, тоа е само инцидент, актуелна случка во морето неактуелни, дури непотребни „уметнички“ приказни кои сакаат да си слават секакви свои годишнини и јубилеи, си го слават дури и ателјето како некаков фактор (sic!) во уметноста. Уметноста ќе ги запамети само по славјата!

Дали во некое можно резиме за актуелните состојби/не(до)разбирања за и во македонската уметност токму ваквиот себичен однос на уметникот, неговата општествена пасивност – да не речам плашливост – е најбитен сегмент во општата слика? Сепак не, се разбира, но тоа е само едно делче, важно, нормално, во сплетот на сите суштински ситуации, камче во мозаикот што сѐ уште не ни се прикажува како конкретна слика, но никако единствено. А сликата и онака не можеме да ја видиме цели три децении! Што ќе рече: сепак мора да има(ме) некаква фалинка?

Сеедно, во неколку наврати, а главно во врска со уметничката критика но и со општата ситуација, ја спомнував едукацијата како еден од најважните сегменти во поткренувањето на рамништето на разбирањето на општеството на уметничките процеси и важноста на уметноста не само за уметниците и институциита туку и за некакво (нека е и утописко) општо добро. Неколку битни столбови ја крепат општата уметничка едукација: образованието, институциите и критиката. (Се разбира, уметникот и неговото дело се услов без кој не се може! Ама и врз нив и карактерот на нивното дело влијае општата ситуација, па ако таа повладува на сите негови глупости тогаш и неговата уметност заталкува во секакви насоки). Не можам, попрво не сакам да говорам за состојбите во уметничкото образование на сите рамништа (основно, средно, високо). А сите се (ин)директно поврзани. Тоа е посебна и особено болна тема за која што морат да проговорат директните учесници во процесот. Иако, сигурен сум, уште долго никој тоа нема да го направи. Едноставно, заличува како никој да не се грижи за овие нешта! Впрочем, не слушнав, (освен ако не сум пропуштил нешто), некаква реакција од македонските образовни инстанци (на сите нивои) за нагледното „уметничко“ дело наречено „Скопје 2014“ што перманентно и континуирано ги труе младите генерации. И што, после тоа, ќе ги научите вие во училиште? И бидејќи повторно го спомнувам, ако се навратите повнимателно на тој шизоиден „проект“ ќе видите дека многу поголем е бројот на директните учесници областа на уметничкото образование во таа будалаштина отколку на оние кои на некој начин се спротивставиле. Овие вториве се бројат на прсти! Но, во целиот образовен процес во областа на образованието клучен играч е државата и тука мора да се бараат сите курцшлуси односно пропусти. Иако јас и тоа еднакво би го припишал на глупоста и необразованоста на таа иста држава, но и на нејзините образовни институции! Ако во овој контекст ви предочам дека оваа иста држава и ова исто (демек стручно) високо образование сосема благонаклоно во своите редови прифати и такви уметнички анонимуси – главни актери во погореспомнатиот кичерај што сѐ уште ни го гнаси градот, ви треба повеќе? Кое и какво е тогаш тоа уметничко образование и квалитет што ќе го добиваат генерации и генерации македонски студенти – потенцијални уметници?  Или, ако веќе говориме за тоа, и онаа која бараше „долги ножеви“ за опозицијата се’ уште е дел од уметничкиот воспитно-образовен процес, исто како што и онаа која што бараше од македонската полиција да стрела во македонските демонстранти е дел од македонскиот театар! Е па, извинете … Но кај нас и тоа поминува, нели, како и сѐ друго! Или, поточно, ако целиот уметнички едукативен процес, од основното до високото образование не е замислен како квалитетен стручен континуитет со висококомпетентни (и морални) предавачи, тогаш тој важен сегмент во формирањето на генералната уметничка слика во државата секогаш ќе пелтечи, ќе заостанува не само зад светот туку и зад одделни прогресивни уметнички појави дури и кај нас. И (ќе) ја креаира оваа слика во уметноста и во културата што ја гледаме денес.

Вториот битен дел во овој процес се уметничките институции, а за нив и претходно доволно говорев. Но, на пример, само како мали но елоквентни и секако куриозитетни појаснувања би додал дека денес, една национална институција сосема отворено го класифицира некојси Ибрахим Кодра во рангот на еден Пикасо а „стручните“ кадри во институцијата на тоа никако не реагираат. Или ако не реагираа ниту во изминативе дванаесет години на сиот оној анахрон „уметнички“ ужас што му го сервираа на македонскиот граѓанин, што тогаш денес можете да очекувате од нив? Без реформа, без директна државна интервенција да се променат, одеднаш, и преку ноќ да станат стручни, компетентни, зрели, морални, објективни…? Таквите нешта никако не се случуваат сами од себе, уште помалку за ден-два. А тие се оние кои ја креираат појавната слика за македонската уметност денес, кои одлучуваат за тоа кој уметник, режисер, актер … ќе работи во нив, како краткорочно и – што е уште пострашно – долгорочно ќе се развива институцијата итн. Најголемиот дел од вината за ужасниот степен на нестручност и некомпетентност во уметничките институции повторно лежи кај државата која толерира етно-партиски вработувања и раководни кадри кои појма немаат за работата што треба да ја вршат. Во истите национални институции бившиот фашизоиден режим без каков и да е отпор вршеше упад во колекциите преку квазиоткупот наметнуван неколку години по ред, а со што целото ѓубре од ателјеата на нивните пулени беше (от)купено и сместено во депоата на овие институции. А впрочем, повторно, по којзнае кој пат, она проклето „Скопје 2014“ е очебиен пример за сите овие случувања, и не само за тоа! Во македонските театри тој ист режим дозволуваше работа само за своите пулени и клиенти, во македонскиот филм сите, и буквално сите средства одеа кај партиските абоненти …

Па следствено, а имајќи го предвид сиот овој „талог“ во македонското уметничко образование и институции, за која и каква уметничка сцена или разбирање на уметноста можеме воопшто да говориме денес?

Извор: Теодосиевски уметност

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...