Прашањето за животната средина не се однесува само на Министерството за животна средина и просторно планирање, тоа опфаќа повеќе институции кои треба да бидат вклучени во овој домен. Нашите сегашни закони не се воошто лоши, добри се. Но, не е доволно само да се пишуваат, треба и подобро да се спроведуваат, заклучи денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на расправата „Правна заштита на природата и животната средина и судска заштита на правото на здрава животна средина“ во МАНУ.
Тој, посочи дека законите, кои се однесуваат на животната средина, се подобруваат и се усогласуваат со директивите на Европската Унија.
– Меѓутоа за прашањето за кое денеска се дебатираше, како да ги применуваме законите, треба сите заедно до соработуваме, сите Министерства, инспекторите, МАНУ – нагласи Нуредини.
Тој наведе дека постои голема листа на ЕУ-директиви кои треба да се разгледаат и да се усогласат во нашите закони.
– Сите закони не биле подеднакво применети за сите. Според мене, законот се однесува за сите – истакна министерот.
Тој потенцираше дека добил коментар оти Министерството нема доволно моќ и капацитет, посочувајќи дека во иднина треба да се дискутира за тоа каде е улогата и одговорностаа на МЖСПП.
– Јавноста очекува дека ние треба да бидеме одговорни за се. Ние сме одговорни за законите, но инспекторите ги прават инспекциските контроли, а Јавното обвинителство понатаму го следи целиот процес и согледува дали некој закон е прекршен – рече Нуредини.
Тој нагласи дека тие се тука за сите да ги поддржат, но бара и поддршката да биде возвратена.