Во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“, Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување Член 16 разработи сценарија што би можеле да им помогнат на новинарите, на редакциите и на сопствениците да се справуваат со ова зло. Го пренесуваме во целост овој документ:
НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА СЦЕНАРИЈА ЗА ОТПОРНОСТИ ЗА РЕАКЦИЈА НА РЕДАКЦИЈА ВО СЛУЧАИ НА КОРУПЦИСКИ ПРИТИСОЦИ И КОРУПЦИСКО ПОВЕДЕНИЕ
l Дефиниции на поимите
1. Под корупциски притисок се подразбира секој обид со класичен поткуп, со нудење одредени материјални или нематеријални услуги, привилегии или користи за новинар, уредник, претставник на менаџментот или за сопственикот на медиумот, новинарите и медиумот да се оневозможат да работат во јавен интерес, а за сметка на интересите на одредени економски или политички групации и центри на моќ, чија што промоција на таков начин се смета за манипулативна и општествено неприфатлива.
Корупциско поведение е секој облик на однесување на новинарите и на другите субјекти во медиумите коешто значи подлегнување на корупциски притисоци, во одделни случаи и иницирање на корупциија од страна на субјектите во медиумите, но и страв и молк, како и, наспроти тоа, отпор и борба против ова зло.
2. Пријавувач на случај на корупциски притисок и на корупциско поведение може да биде новинар, уредник, претставник на сопственикот или на менаџментот, како и надворешен субјект – читател, компанија, правно лице, здружение или било кој друг засегнат субјект, кој ќе пријави, опише и документира таков случај.
3. Опис на случај претставува писмен допис, со приложени писмени и други докази, кој содржи наводи за случај на корупциски притисок или корупциско поведение во медиум.
4. Дебата во случајов е облик на соочување на новинарите, на редакцијата и на другите субјекти во медиумот со пријавата и со наводите во описот на случајот. Целта на дебатата е да се утврди вистината и да се донесе заклучок, по можност едногласно и без издвоени мислења. Зависно од пријавувачот и од развојот, дебатите се водат на различни нивоа и во различни формати, детално опишани во сценаријата. Во сите дебати се поканува субјектот кој е пријавен дека врши корупциски притисок или дека коруптивно се однесува и му се овозможува право на одбрана и објаснување на своите постапки (бидејќи станува збор за генерално правило, тоа во наведените сценарија не е посебно нотирано). Дебатите што се водат во редакцијата и во издаваштвото, во принцип, се од затворен тип.
5. Заклучокот содржи оценка на случајот од аспект на законите и од аспект на нормите на новинарската етика, оценка на поведението на субјектот подложен на корупциски притисок (сопственикот, менаџментот, новинарот, уредникот и уредништвото, редакцијата во целина итн), ако е нужно опомена за погрешно поведение со соодветна препорака како треба да се постапи во таков случај и евентуално и предлог на санкција согласно со Законот за работни односи и со други позитивни законски прописи.
l Клучни принципи
Нулта толеранција. Сопственикот, менаџментот, редакцијата, уредниците и новинарите јавно декларираат нулта толеранција за било каков облик на корупција и со тоа се обврзуваат да не ja игнорираат, туку да постапуваат по секоја пријава за случај на корупциски притисок врз новинарите и врз медиумот и за корупциско поведение.
Инклузивност. Квалитетното справување со корупциски притисоци и поведенија подразбира реактивност / вклученост на сите субјекти во медиумот во менаџирањето на проблемот – новинарите, уредниците, менаџментот и сопственикот. Важна улога играат и синдикалната организација во редакцијата, доколку таа постои, како и новинарските здруженија. Во понудените сценарија, ролјите на субјектите се дефинирани на начин што обезбедува непристрасност, правичност и меѓусебна контрола во менаџирањето на случаите на корупциски притисоци.
Отвореност. Новинарите, редакциите, менаџментите и сопствениците прифаќаат да дебатираат за пријавите за корупциски притисоци во нивните медиуми и јавно, во новинарските здруженија, во медиумите и на социјалните мрежи, под услов дебатите да се водат одговорно и на начин што нема да предизвикува злонамерно навредување, клеветење, повреда на угледот и честа и нанесување други материјални и нематеријални штети на новинарите и на медиумите.
Прилагодливост на сценаријата. Понудените сценарија се модели за менаџирање на редакциите во случаи на пријавување случаи на корупциски притисоци и корупциско поведение. Тие модели може и треба да се прилагодуваат во зависно од организациската структура на медиумот, од проценката на ризиците за подложност на корупција и од други фактори значајни за работата на новинарите и на медиумот.
СЦЕНАРИО А
(Пријавувач на корупциски притисок или на корупциско поведение е новинар од редакцијата на медиумот)
1. Пријавувачот го пријавува случајот на субјект во редакцијата по сопствен избор. Тоа може да биде колега новинар, уредник, претставник на сопственикот или на менаџментот или претставник на надворешен субјект (синдикат, новинарско здружение, невладина организација и слично). Пријавувачот кон пријавата доставува опис на случајот.
2. Дебата во формат: Колегиум на уредници
Првата етапа во справување со пријавениот случај е дебата на колегиумот на уредниците, на која освен пријавувачот, задолжително присуствува овластен претставник на сидникалната организација во редакцијата, а ако таква не постои, највозрасниот член на новинарскиот состав. По завршувањето на дебатата, пријавувачот предлага заклучок. Предлогот на заклучокот може да го видоизмени овластениот претставник на синдикалната организација во редакцијата, а ако таква не постои, највозрасниот член на новинарскиот состав.
Учесниците во дебатата заеднички гласаат за заклучокот, во обид да го усвојат едногласно. Доколку се успеае во тоа, за заклучокот се известуваат сопственикот, менаџментот и редакцискиот колегиум. Доколку има повеќе издвоени мислења, или пријавувачот е незадоволен од заклучокот, се упатува за неговата пријава да побара дебата на редакцискиот колегиум.
3. Дебата во формат: Редакциски колегиум
Редакцискиот колегиум ги опфаќа сите членови на редакцијата – новинари, уредници, фоторепортери, графички уредници и друг персонал, со исклучок на вработените во менаџментот, во маркетингот и во другите служби за административно-финансиско работење. Присуството на главниот и одговорен уредник, на претставник на сопственикот или на менаџментот и на овластен претставник на синдикалната организација во редакцијата, а ако таква не постои, на највозрасниот член на новинарскиот состав, е задолжително.
По завршената дебата, пријавувачот предлага заклучок. На предлог на овластениот претставник на сидникалната организација во редакцијата, а ако таква не постои, на највозрасниот член на новинарскиот состав, предлогот на заклучокот може да се видоизмени. Учесниците во дебатата заеднички гласаат за заклучокот, во обид да го усвојат едногласно. Доколку се успее во тоа, за заклучокот се известуваат сопственикот и менаџментот. Доколку има повеќе издвоени мислења или пријавувачот е незадоволен од заклучокот, се упатува за неговата пријава евентуално да побара дебата во новинарско здружение.
4. Дебата во формат: Новинарско здружение
Доколку пријавувачот случајот го пријави во новинарско здружение и побара дебата, сопственикот, менаџментот и уредништвото на медиумот ќе го известат здружението дека прифаќаат такво соочување, под услов здружението во дебатата да обезбеди учество на претставник на менаџментот, на претставник на уредништвото и на овластен претставник на синдикалната организација или ако таа не постои, на највозрасниот новинар во редакцијата.
Здружението дебатата ја организира според сопствените правила, но пожелно е да се настојува таа да заврши со заклучок што ќе биде прифатен едногласно. Секој од субјектите има право на издвоено мислење. За да се избегнат евентуалните обиди за нарушување на угледот и честа на било кој од учесниците во дебатата, пожелно е за нејзиниот исход да бидат известени само засегнатите страни, без за тоа да се информира општата јавност. Тоа не го спречува пријавувачот да одлучи за случајот самиот да покрене дебата во медиумите или на социјалните мрежи.
5. Дебата во медиуми или на социјалните мрежи
Заради веќе наведени клучни принципи, пожелно е пријавувачот на случај на корупциски притисок или корупциско поведение, пред да одлучи своите наводи да ги обелодени во медиумите или на социјалните мрежи, да покрене дебати во самиот медиум, опишани во точките 2,3 и 4. Доколку пријавувачот сепак оцени дека е целисходно за својата пријава веднаш, без претходни најави и дебати во редакцијата, да покрене расправа за случајот во медиумите или на социјалните мрежи, должен е да ја прифати и обврската за уверливо докажување на наводите, согласно со соодветните законски прописи и со нормите на новинарската етика.
Засегнатите страни што нема да се согласат со наводите, со оценките и со заклучоците на пријавувачот, имаат право на одговор и право да покренат соодветни постапки пред судовите на честа или соодветните саморегулативни тела во новинарските здруженија, или и на суд, доколку сметаат дека се навредени, наклеветени или на друг начин се повредени нивните чест и углед, или им се нанесени материјални и нематеријални штети.
СЦЕНАРИО Б
(Пријавувач на корупциски притисок или на корупциско поведение е уредник од редакцијата на медиумот)
1. Пријавувачот го пријавува случајот на друг уредник во редакцијата по сопствен избор, на претставник на сопственикот или на менаџментот, или на претставник на надворешен субјект (синдикат, новинарско здружение, невладина организација и слично). Пријавувачот кон пријавата доставува опис на случајот.
2. Дебата во формат: Претставник на менаџментот, главен и одговорен уредник (ако самиот не е пријавувач), овластен претставник на синдикалната организација, или ако таа не постои, највозрасен член на редакцискиот состав.
По дебатата заради утврдување на фактите, пријавувачот предлага заклучок. Овластениот претставник на синдикалната организација, или ако таа не постои, највозрасниот член на редакцискиот состав, може да го видоизмени предложениот заклучок. Учесниците во дебатата заеднички гласаат за заклучокот, во обид да го усвојат едногласно. Доколку се успее во тоа, за заклучокот се известуваат сопственикот и менаџментот. Доколку има повеќе издвоени мислења или пријавувачот е незадоволен од заклучокот, се упатува за неговата пријава да побара дебата на редаксискиот колегиум.
3. Дебата во формат: Редакциски колегиум (како и во сценарото А)
4. Дебата во формат: Новинарско здружение (како и во сценариото А)
5. Дебата во медиуми или на социјалните мрежи (како и во сценариото А)
Во овој случај, пријавувачот, поради одговорната позиција на член на уредништвото, треба да биде свесен за својата зголемена одговорност за добрата пракса случаите на корупциски притисоци и на корупциско поведение да се пријавуваат прво во редакцијата, како и за обврската своите наводи да ги поткрепи со цврсти и несоборливи докази, за да се избегнат евентуалните штетни последици опишани во точката 5 во сценариото А.
СЦЕНАРИО В
(Пријавувач на корупциски притисок или на корупциско поведение е претставник на сопственикот или на менаџментот на медиумот)
1. Пријавувачот го пријавува случајот на уредништвото во редакцијата и кон пријавата приложува опис на случајот.
2. Дебата во формат: Уредништво на редакцијата, овластен претставник на синдикалната организација, или ако таа не постои, највозрасен член на редакцискиот состав.
По дебатата, пријавувачот предлага заклучок. На предлог на главниот и одговорен уредник, предложениот заклучок може да се видоизмени. Учесниците во дебатата заеднички гласаат за заклучокот, во обид да го усвојат едногласно. Доколку се успее во тоа, за заклучокот ја известуваат редакцијата. Доколку има повеќе издвоени мислења, или пријавувачот е незадоволен од заклучокот, се упатува за неговата пријава да побара дебата на редакцискиот колегиум.
3. Дебата во формат: Редакциски колегиум (како и во сценаријата А и Б)
4. Дебата во формат: Новинарско здружение (како и во сценаријата А и Б)
5. Дебата во медиуми или на социјалните мрежи (како и во сценаријата А и Б)
Во овој случај, пријавувачот, поради позицијата на претставник на сопственикот или на менаџментот, треба да биде свесен за фактот дека неговото евентуално избегнување на дебата во редакцијата може да се доживее и како облик на цензорски притисок врз неа, како и за обврската своите наводи да ги поткрепи со цврсти и несоборливи докази, за да се избегнат евентуалните штетни последици опишани во точката 5 во сценариото А.
СЦЕНАРИО Г
(Пријавувач на корупциски притисок или на корупциско поведение е надворешен субјект – читател или гледач, компанија, синдикат, новинарско здружение, невладина организација и или друг заинтересиран субјект)
1. Пријавувачот го пријавува случајот на претставник на сопственикот или на менаџментот на медиумот, или на главниот и одговорен уредник на редакцијата. Пријавувачот го составува и описот, при што приложува писмени и други докази со кои располага. Претставник на сопственикот или на менаџментот и главниот и одговорен уредник на редакцијата можат од пријавувачот да побараат описот на случајот да го дополни или дообјасни, доколку сметаат дека описот е недоволно јасен, непрецизен или неаргументиран. Тоа барање сепак нема да ја спречи дебатата за случајот.
2. Дебата во формат: Редакциски колегиум, претставник на сопственикот или на менаџментот и овластен претставник на Самостојниот синдикат на новинарите на Македонија или на друго новинарско здружение, поканет од Редакцијата.
По дебатата за утврдување на фактичката состојба, заклучокот го предлага пријавувачот. На предлог на овластен претставник на на синдикалната организација, или ако таа не постои, на највозрасниот член на редакцискиот состав, тој заклучок може да се видоизмени. Учесниците во дебатата заеднички гласаат за заклучокот, во обид да го усвојат едногласно. Доколку има повеќе издвоени мислења, или пријавувачот е незадоволен од заклучокот, се упатува за неговата пријава да побара дебата во новинарско здружение по негов избор.
3. Дебата во формат: Новинарско здружение (како и во сценаријата А, Б и В)
4. Дебата во медиуми или на социјалните мрежи (како и во сценаријата А, Б и В)
Во овој случај, пријавувачот, поради позицијата на надворешен фактор, треба да биде свесен за фактот дека неговото евентуално неприфаќање дебата во засегнатиот медиум може да се доживее и како атак и врз медиумот и врз новинарите, како и за обврската своите наводи да ги поткрепи со цврсти и несоборливи докази, за да се избегнат евентуалните штетни последици опишани во точката 5 во сценариото А.
ПОСЕБНО СЦЕНАРИО – ПРИЈАВУВАЊЕ НА КОРУПЦИСКИ ПРИТИСОК ИЛИ КОРУПЦИСКО ПОВЕДЕНИЕ КАЈ ОРГАНИТЕ НА ПРОГОНОТ
Доколку било кој субјект пријави случај на корупциски притисок кај органите на прогонот (полиција, јавен обвинител и слично), сопственикот, менаџментот и редакцијата активно соработуваат со надлежните органи, со цел за брзо расветлување на случајот. Било какви дебати во таа смисла би можеле да се протолкуваат како попречување на истрагата и затоа се непожелни.
При тоа, пријавувачот треба да биде свесен за ризикот од лажно пријавување, што е кривично дело, со кое може да нанесат огромни материјални и нематеријални штети на новинари, уредници и на сопственици на медиуми, па во таа смисла тој мора да се однесува крајно одговорно и во согласност со законите.
Фотографии: Pixabay.com
/Проектот е подготвен со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Содржината е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија./