Нужен е длабок рез врз факултетите, ама згасна Одборот што пресекува

Условите за акредитирање на факултетите досега биле многу либерални што всушност довело до толкав број универзитети во нашата мала земја. Недостасува продлабочена анализа за можностите, потребите и за состојбите во високото образование.

634

Не може во секое село да биде отворeн факултет, тоа беше правено од политички причини, без никакви сериозни подготовки и студии, вели за Плусинфо академик Владо Камбовски, претседател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, за кој вели дека се распаднал.

Неодамна, вицепремиерот Кочо Анѓушев најави дека нема да се издаваат нови лиценци за нови факултети и ќе се затворат некои од постоечките. Како што објасни тој, ваквата одлука на Владата е поради тоа што образовниот систем не одговара на реалните потреби на економијата. Вицепремиерот рече дека е загрижувачки тоа што во државава 90 отсто млади одат на факултет, а истовремено немаме квалификувани работници, како заварувачи, шофери и слично.

– Доколку ситуацијата беше поинаква 18.000 квалификувани работници би се вработиле денеска – рече Анѓушев на Топ Тема на Телма.

Одборот за акредитација не постои

На 10 септември годинава им истекол мандатот на членовите на Одборот, кои биле избрани од Интеруниверзитетска конференција. Одборот имал два вида членови, едните ги предлагала Владата (пет), а другите 18 ги избирала Интеруниверзитетска конференција.

– Ја слушнав изјавата на Кочо Анѓушев. Јас бев претседател на Одборот за акредитација. Велам бев затоа што тој одбор требаше да престане да работи некаде на 15 мај оваа година, кога требаше да се формира Агенција за квалитет на високото образование и во нејзини рамки да се формира нов одбор за акредитација и нов одбор за евалуација. Бидејќи тоа не беше завршено, одборот со кој јас претседавав по една преодна одредба од законот, продолжи да работи до избор на нов одбор за акредитација. Така, Одборот не може да работи, нема легитимитет. Според тоа, ништо сега не може одборот да преземе во врска со ова што го најави потпретседателот, а тоа ќе треба да се преземе откако ќе се формира Агенцијата за квалитет на високото образование и ќе се конституира новиот одбор за акредитација и новиот одбор за евалуација. Два одбора ќе има. Инаку, јас се сложувам со тоа дека треба да се изврши една длабока ревизија, сум давал такви изјави и порано – објасни Камбовски.

Евалуација се врши на секои пет години 

Една лиценца за факултет трае пет години, а на секои пет години се врши реакредитација, односно евалуација и реакредитација.

– Тогаш има можност да се каже дали тој факултет ги исполнува или не условите за понатаму да постои. Тоа е едниот начин за чистење на оваа мрежа, вториот начин е да се интервенира со закон, па со предвидување на некои преодни реформи, да се скрати целата таа широко развиена образовна мрежа, но, тоа бара претходни анализи, кои кај нас сѐ уште не се направени – вели Камбовски.

Конечното решение за почеток со работа го издава Министерството за образование и наука. Претходно, Одборот донесува решение дека се исполнети условите за работа. Професорот сведочи дека често пати се случувало Одборот да донесе решение, а Министерството да даде решение за таа програма или за тој факултет после пет-шест месеци или една година.

Нови факултети чекаат на ред

Во меѓувреме има нови факултети што чекаат да им се одобри лиценца за работа. На пример, Меѓународниот балкански универзитет има отворено постапка за акредитација на факултет за медицински науки, стоматологија и сестринство.

– Знам дека имаше отворено постапка, таа е во тек, се подготвуваа експертски извештаи, но не е донесено никакво решение. Не знам што ќе биде сега и дали ќе добијат дозвола. Според постојниот закон, ако тие ги исполнуваат сите услови што ги одредува законот, на Одборот за акредитација, се формира експертска комисија од тројца членови, таа предлага да се усвои програмата, односно да се даде акредитација ако се исполнети условите, ако не, се одбива, но повторно може да поднесе некој факултет барање за акредитација – објаснува Камбовски.

Од МОН пак велат дека во моментов нема нови иницијативи и барања за основање на нови јавни високо образовни установи, додека постојна високообразовна установа може да престане со работа поради разни причини кои се наведени во Законот за високо образование – поради престанок на потребата за постоење, поради стечај, ако престане да ги исполнува условите за основање, ако со правосилна судска одлука се утврди ништовност на уписот во регистарот на ВОУ…

– Дали ќе има промена на бројот на високообразовни установи по однос на тоа не би можеле да се произнесеме во моментов, од причина што секоја одлука или иницијатива произлегува и мора да произлегува од кредибилни анализи на состојбите во образованието и реалната потреба од нешто да се направи или некако да се постапи. Конечната одлука ја носи Владата – велат од МОН.

Либералните услови изродија безброј факултети

Според Камбовски, условите за акредитирање на факултетите досега биле многу либерални што всушност довело до толкав број универзитети во нашата мала земја. Камбовски вели дека законот дозволувал многу либерални услови за акредитација на нови програми, нови универзитети, нови факултети што довело до неодмерено ширење на мрежата на високообразовни институции. Тој посочува дека недостасува продлабочена анализа за можностите, потребите и за состојбите во високото образование. Професорот вели дека треба да се направи анализа врз која ќе може да се направи еден, според него, нужен, подлабок рез кој ќе доведе до додатно порационална и поефикасна мрежа на високото образование.

– Многу либерално беа поставени тие услови, ги исполнуваа 23-24 универзитети кај нас. Затоа велам, ригорозно сечење на мрежата, односно рационализирање претпоставува да се седне, да се подготви добра студија. Што имаме, дали сите тие програми што се над 1.300 ни требаат, дали сите универзитети ни требаат, дали имаме доволно кадар, дали на крајот имаме доволно студенти. Нема никаква анализа за тоа. Тоа е основното. Не може во секое село да биде отворен факултет. Тоа беше правено од политички причини, без никакви сериозни подготовки, студии и така натаму – вели Камбовски.

Од Министерството за образование за Плусинфо рекоа дека не можат да кажат дали и кои факултети ќе се затворат, зашто за тоа, како што велат, конечната одлука ќе ја донесе Владата.

На располагање се 28 високообразовни установи

Во Македонија има 28 високообразовни установи, од кои 6 државни универзитети, една приватно-јавна непрофитна високообразовна установа (Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово), 10 приватни универзитети, 4 високо стручни школи и 4 научни институти (каде се организираат студии од втор циклус на студии), како и 2 факултета: Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје и Факултетот за исламски науки во Скопје.

Високобразовна дејност организира и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, која е формирана со Закон за Воена академија, а кој работи согласно Законот за високото образование, реализира студии од трите циклуси и има задача да школува, оспособува и усовршува кадар за потребите на Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Системот за управување со кризи и Системот за заштита и спасување.

Самостојни јавни високообразовни установи, како и единици во нивен состав основа Собранието со закон, а приватно-јавна непрофитна високообразовна установа се основа со одобрение од Владата.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...