НСО: Додека Ајтов користи бенефиции, ние се бориме за работничките права

639

Независниот синдикат на одбрана преку својот профил на Фејсбук информира дека преку комисиите за изготвување на новиот закон за одбрана и новиот закон за служба во Армијата, формирани во Министерството за одбрана, е вклучен во донесување  решенија за подобрување на условите за живот и работа, како и на подигнување на стандардот на вработените во одбраната.

Од синдикатот велат дека досега преку своите залагања придонеле да се исплатува јубилејната награда, како и да се врати исплатата на дневница за која, наведуваат, е мала и се прават напори со работодавачот за таа да биде достоинствена, согласно законската регулатива.

„До изнаоѓање на конечно решение, успеавме да ја обезбедиме иднината на поголем дел од професионалните војници со продолжување на својата кариера како цивилни лица на служба во Армијата. Очекуваме во најскоро време да земеме учество во групата која ќе работи на измена на законската регулатива во делот на пензионирањето каде што нашите заложби се законски да се регулира одење во пензија со 40 години пензиски стаж или 55 години возраст на работникот, а при тоа просекот да се пресметува на десетте најдобри години во висина од 80%. Нашиот предлог е ова законска регулатива да важи за сите вработени во одбраната вклучително и за професионалните војници.

Додека ние се бориме за правата на вработените низ институционалниот систем, Ристо Ајтов и потесното раководство седеа и само ги користеа многубројните бенефити од синдикалните функции“, велат од Независниот синдикат на одбрана, истакнувајќи дека за своите напори ја имаат поддршката од Европската организација на воени организации и синдикати од Брисел „EUROMIL“.

Вчера, Синдикатот за одбрана и безбедност и Независниот синдикат на професионалните војници побараа „метлата“ да ја опфати и министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, поради тоа што, обвинија, работат во очајни услови, со ниски плати и неисплатени придонеси за работа на празник, во ден на неделен одмор, работа во смени, за ноќна и прекувремена работа. Тие побараа платите во министерството и во АРМ да се зголемат за 10 отсто.

Од Министерството за одбрана обвинија дека Ристо Ајтов покажува нервоза токму поради трендот на постојано одлевање на членството од неговиот Синдикат, дека се одмазува поради тоа што не било дозволено финансирање на синдикални игри, но и поради тоа што била признаена репрезентативноста и на Независниот синдикат за одбрана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...