Не е баш упатно, а може да се толкува и како дрско, да ѝ држите час по историја на шефицата на бугарската дипломатија, Екатерина Захариева, која за кус временски интервал покажа дека некои страници од балканските случувања не ги има прочитано. Или кога ги листала, ги погрешила очилата.
Најнапред е чиста небулоза нејзиното тврдење дека Илинденското востание било „географски македонско, но историски (етнички) бугарско“.
Треба да имаме разбирање за овој нејзин лупинг. Таква ѝ е функцијата и мора да држи чекор со оние кои деновиве оркестрирано се напрегаат да го воскреснат, во извесна смисла, замрениот санстефански сенишен дух, во креирањето и толкувањето на историските случувања на Балканот, посебно на оние делови што се тесно поврзани со македонската национална историја и духовната култура на македонскиот народ.
Такви периоди со нагласен хегемонистички набој во политичките и научните средини имаше главно во времето на таканаречениот „реален социјализам“, креација на „априлската линија“ на комунистичкиот диктатор Тодор Живков, кога на сите ѕвона се гласеше теоријата „една држава- еден народ“. Другите етнички сегменти во државата беа маргинализирани од асимилирање до негирање. Тоа беше временски исечок кога историјата се џвакаше како калорична храна, од која многумина правеа научни и политички кариери.
Но, да не се нурнуваме во тие балкански жабокречни води, кои со промените, барем така се насетуваше, ќе почнат да се бистрат. Ќе се закопаат секирите на конфликтноста. Ќе спласне набрекот од националистичка реторика. Дефинитивно, политиката и науката ќе зачекорат по врвиците на добрата волја и рационалната мисла.
Почитуваната министерка за надворешни работи на нашиот источен сосед, која со извесни потези за подобрување на климата на пријателство со Македонија успеа да ги освои нашите симпатии, од невнимание или од тактизирања на домашната политичка сцена, со последните изјави, им се придружи на некои софиски официјалци, кои со сета жестокост ги исфрлија критичките плутони на адреса од македонскиот премиер. Тој, пак, за божја правда, не искажа богзнае каква кардинална провокација, освен што рече дека Илинденското востание е македонско и при тоа, не направи никаков елаборациски потег со кој би ги повредил чувствата на источниот сосед. Всушност, го рече тоа што сите го мислиме, го учевме, го знаеме, го запомнивме и го вградивме како неотуѓив темелник заветен од нашите претци, во колективната национална меморија.
Министерката, со една своја изјава, им забележува на бугарските социјалисти дека тие се виновни што коските на македонската револуционерна легенда Гоце Делчев од Софија биле префрлени во Скопје.
Патот на моштите на македонската револуционерна икона, за волја на вистината, всушност, е многу поинаков. Неговите посмртни останки, во саркофагот што го изрезба стариот копаничар Нестор, не дојдоа во бугарска политичка кочија, туку на лафет и на раце беше носен од Македонците од бугарската престолнина до главниот град на Република Македонија. Македонската емиграција со посебен пиетет од Софија ги испрати коските на револуционерот, за да најдат вечен спокој во македонската метропола, што беше нивна синовска желба, но и негов аманет.
Кога коските на Гоце Делчев минуваа, низ Пиринска Македонија кон црквата „Свети Спас во Скопје“, народот патиштата ги постилаше со цвеќе и солзи.
За да ги елиминираме сомнежите, ќе пренесеме дел од написот во бугарското еминентно гласило „Работническо дело“, објавен на 3 октоври 1946 год. непосредно пред тргнување на свечената поворка со Гоце за татковината:
„Македонската трагедија се изразува и во тоа што останките на Гоце се во Софија, а не во главниот град на македонската држава… Беспорно е дека полното слевање на Гоце со македонската држава е неопходност”, пишува „Работническо дело“ и притоа соопштува дека „македонската влада изрази барање, а Сојузот на македонските братства во Бугарија се согласи, останките на Гоце да бидат пренесени во Скопје”.
Впрочем, Сојузот на македонските братства, асоцијацијата на многуилјадната македонската емиграција во Бугарија, во дваесетите години на минатиот век го организира и тајното ископување на моштите на војводата од гробиштата во село Баница, егејскиот дел на македонија, денес во Грција, и ги пренесе во Софија, чувани од неа како незаменлива и непроценлива национална светост се до испраќањето во Македонија.
Историјата се потпира на факти, а не на емоции и политички калкулации! Тоа беше патот по кој македонската револуционерна легенда, кукушкиот војвода, носен на рацете и во срцата од неговите признателни собраќа, си дојде дома. Во Република Македонија!