Нола Исмајлоска: Притворите не се во насока на помирување во Собранието

1076

Гневот поради еден случај не смее да се исфрла врз други, порачува пратеничката Нола Исмајлоска Старова од независната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ во изјава за Плусинфо.

Исмајлоска ја контактиравме во контекст на последните потези на судската власт со притворањето на поранешни функционери обвинети во „Титаник“, случај на СЈО, односно на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на Владата за кои пратеничката смета дека не одат во прилог на помирувањето на политичките противници во парламентот, кое беше поттикнато од премиерот Зоран Заев, а преточено во собраниско тело за помирување.

-Се наоѓаме во процес на помирување кој треба да донесе еден нов период, посмирен, конструктивен и насочен кон реформи за подобро утре во Македонија. Ова треба да го препознаат и институциите на системот. СДСМ во опозиција гласно го бранеа ставот дека притворот не треба да биде казнена мерка. Сега нивни високи функционери зборуваат друго. Тоа не е во насока на подадената рака за овој процес за смирување и од премиерот, и од пратениците. Секако од круцијална важност е и амбиентот во општеството што се создаде после изречените притвори последниве денови. Сепак, поведението на секој кој е дел од некој процес е индивидуално и така и треба да се мери. Гневот поради еден случај не смее да се исфрла врз други – изјави Исмајлоска.

Во текот на наредната недела се очекува седница на собраниското тело за помирувaње, за кое како што ни рече пратеничката Фросина Ременски, јавноста дополнително ќе биде информирана.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...