Ноември – натпросечно влажен и најтопол во последните 68 години

Како што информира УХМР, минатиот месец биле регистрирани повеќе од 17 дена со максимална температура над 15 степени

106

Ноември годинава е најтопол месец од 1951 година наваму, но и натпросечно влажен на ниво на државата.

Како што информира УХМР, минатиот месец биле регистрирани повеќе од 17 дена со максимална температура над 15 степени со исклучок на Маврово. Средната месечна температура варираше од 6,3 степени во Маврово до 13,6 степени во Демир Капија. Споредено со просечните ноемвриски средно месечни температури од 1981 – 2010 година, годинашните се повисоки за 4,8 степени.

Највисоката максимална температура беше 25,7 степени, измерена на 6 ноември во Скопје (Зајчев Рид), додека средната максимална варираше од 10,2 во Маврово до 18,5 степени во Гевгелија.

Најниската минимална температура од -1,8 степени на 30 ноември е измерена во Маврово и беше повисока од минималната измерена минатиот октомври. Средната минимална температура варирала од 3,4 степени во Маврово до 10,4 степени во Гевгелија.

Во ноември 2019, месечната сума на врнежи, пак, варирала од 52 милиметра во Крива Паланка до 214 во Маврово. Максималната дневна сума на врнежи од 36 милиметри била регистрирана во Маврово на 13-ти во месецот. Врнежите биле од дожд и биле повисоки од просечните на целата територија од државата, повеќе во западниот отколку во источниот реон.

Споредено со ноемвриската просечна вредност од 1981 – 2010 година, измерената месечна сума на врнежи била 29 милиметри или 41 процент поголема од просечната на ниво на држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...