Британските пратеници денеска ќе изберат нов претседател на Долниот дом на Парламентот, кој ќе има влијателна улога во одлучувањето во процесот на Брегзит.
Досегашниот претседател Џон Беркоу поднесе оставка минатата недела по десет години на таа функција.
Во изминатите три години, откако Британија гласаше за излез од ЕУ, претседателот на Долниот дом имаше исклучително влијателна улога во процесот на дебатирање за предностите и недостатоците од Брегзит и усвојување на законите кои се потребни за негово спроведување.
Беркоу е обвинет за непочитување на конвенциите и фаворизирање на оние кои сакаат да ги спречат плановите на Владата за излез на Британија од ЕУ.
Постојат осум кандидати за негов наследник, меѓу кои се тројцата заменици на Беркоу – Линдзи Хојл, Рози Винтертон и Еленор Ленг и долгогодишната пратеничка од редовите на лабуристите Хариет Харман.
Секој од нив ќе има пет минути да им се обрати на пратениците пред почетокот на тајното гласање. Ќе бидат одржани повеќе кругови на гласање, а од трката ќе испаѓа кандидатот со најмалку освоени гласови.
ФОТО: EPA-UK-PARLIAMENT-JESSICA-TAYLOR