Нов пат гради, стариот поправи го!

960

Интензивно се врши реконструкцијата на регионалниот пат Штип-Радовиш, по кој се одвива сообраќајот од Штип кон Радовиш и Струмица. Фирмата „Штрабаг“, која го гради експресниот пат Штип-Радовиш е задолжена да изврши рехабилитација на 21 километар од регионалниот пат. Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов извршија увид во реконструкцијата, кај местото викано „Пилав Тепе“.

Инвестицијата е во вредност 2.400.000 евра.

– Се прават бројни реконструкции, што е уште поважно се работи на патишта на кои 40 или 50 години апсолутно ниту метар асфалт не е фрлен. За жал, изминатите десет години се инвестираше во други непродуктивни работи. Во моментов што е многу важно за овој регион е дека се инвестираат над 100 милиони евра во два експресни пата и тоа Штип-Радовиш и Штип-Кочани. Гледате денеска и овде се реконструира – изјави Сугарески.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, истакна дека до август ќе се заврши реконструкцијата на регионалниот пат Штип-Радовиш. Забележа дека на 20 метри од овој пат интензивно се гради и новиот експресен пат Штип-Радовиш, на кој  во август ќе почне ставањето на првиот слој асфалт.

– Во моментов се работи на рехабилитација на над 400 километри патишта низ нашата држава, што регионални, што магистрални, што автопатишта. Не е потребата само да градиме нови автопатишта, а старите да ги забораваме – вели Китанов.

Што се однесува на вториот лот од новиот експресен пат Штип-Радовиш од штипската населба Три Чешми до мостотот на реката Брегалница и од рудникот „Бучим“ до влезот на Радовиш, Китанов истакна дека е завршена квалификациската тендерска постапка, а проектот се реализира преку Европската инвестициона банка, а понудите на фирмите се испратени во Лондон во седиштето на банката и веќе се очекува повратен одговор, која од фирмите ќе биде избрана за изведувач на градежните работи.

Министерот за транспорт и врски, Сугарески забележа дека имаат реконструкции и на патишта во Малешевско-пијанечкиот регион и во струмичкиот регион, кон границата со Бугарија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...