Во Кривичниот суд во Скопје за денеска е закажано рочиште за предметот „Титаник“ во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и уште 20 други лица. Ова е прв случај кој го обелодени Специјалното јавно обвинителство (СЈО), но предметот сѐ уште се наоѓа на почеток бидејќи судските рочишта постојано се одложуваа.
Претходното рочиште на 2 мај, исто како и тоа пред него, беше одложено затоа што сѐ уште нема решение за барањето на адвокатите на обвинетите да се изземе судечкиот совет, претседателот на Кривичен, неговиот заменик, како и претседателката и заменикот на Апелациониот суд.
Во меѓувреме, истиот ден попладнето, од судот соопштија дека се донесени решенија со кои се одбиваат сите барања за изземање на судиите.
Како и во повеќето случаи на СЈО, адвокатите на обвинетите побараа изземање поради сомнеж дека судиите биле нелегално прислушувани. Тие посочија дека специјалната обвинителка Катица Јанева во телевизиско интервју кажала дека постојат судии кои биле прислушувани и постапуваат по предметите на СЈО. Еден од адвокатите испратил барање да му кажат кои се прислушуваните судии, но Јанева сѐ уште не одговорила, па затоа се побара изземање на целиот судечки совет, претседателите и замениците на Кривичен и Апелација.
Покрај поранешниот премиер Никола Груевски, во овој случај обвинети се и неговиот поранешен шеф на кабинет Мартин Протуѓер, екс генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, градоначалникот на Пустец Едмонд Телемко, пратеникот Илија Димовски, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Мунир Пепиќ, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени од СЈО за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.