Шефот на дипломатијата Никола Димитров и алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу денеска во Скопје потпишаа Спогодба за отворање на нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро, Маркова нога – Лемос.
Како што соопшти МНР, ова е прв договор потпишан меѓу Северна Македонија и Грција, согласно одредбите од Конечната спогодба, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот регион.
„На средбата со Анагностопулу беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави. Посебен акцент беше ставен на имплементацијата на Преспанскиот договор со цел осмислување и развивање на сеопфатна и интензивна соработка во сите области, чија што крајна цел се позитивни, видливи и конкретни резултати во полза на граѓаните на двете земји. Беше рaзговарано и за поддршката што Грција и ја дава на нашата земја во контекст на евроинтегративниот процес“, соопшти МНР.
Ова е прва посета на министерот Сиа Анагностопулу надвор од Грција по нејзиното преземање на функцијата алтернативен министер за надворешни работи, што ја отсликува важноста што Владата на Грција и ја дава на односите со Република Северна Македонија, стои во соопштението на МНР.