Обвинителката Лиле Стефанова денеска се очекува да сведочи на судското рочиште во процесот „Рекет“ во кој се обвинети Бојан Јовановски и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, како и Зоран Милевски Кичеец кој на почетокот на судењето призна вина и доби тригодишна затворска казна.
Стефанова летоска во август, речиси пет часа беше на распит во Обвинителството за организиран криминал и корупција и рече дека кажала сè што знаела за поврзаноста на предметот „Империја” со „Рекет“.
Сведочењето на Стефанова беше закажано во понеделникот, но се одложи поради отсуство на адвокатите на обвинетата Јанева кои не дојдоа на рочиштето од, како што рече судијката Васка Николовска-Масевска, здравствени причини.
Адвокатот Дељо Кадиев бил хоспитализиран и уште на 15 јануари побарал одложување на рочиштето, а адвокатката Ирена Фрчкоска во понеделникот исто така поради здравствени причини не дојде во судница.