Ново министерство на мета, Хазби Лика ќе лета

Во секој случај ќе има избор на нов министер, бидејќи Хазби Лика е избран во Владата на Заев како министер без ресор и со укинувањето на Секретаријатот ќе се укине и неговата позиција.

3240

Секретаријатот за Рамковен договор по 11 години постоење ќе се укине и Владата ќе формира ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Претходно, од 2004 до 2008, наместо Секретаријат ова тело беше Сектор. Формирањето на новото Министерство веќе е ставено на дневен ред на собраниската седница на 14 март, а на комисиска расправа можно е да се најде во среда.

Со ова партијата на Али Ахмети ја реализира препораката од Анализата на Рамковниот од 2014 година подготвена во соработка со Институтот за мир на Питер Фејт.

Дали со укинувањето на Секретаријатот, во историјата ќе замине и вицепремиерот за Рамковен, Хазби Лика ќе се знае по изборите, односно во јуни, кога ќе почне и примената на новото законско решение. Засега ни во ДУИ, ни владините партнери не разговарале кој ќе го предводи новото министерство. Од партијата на Ахмети се надеваат дека ќе остане во нивни раце. Но, бидејќи новото Министерство ќе ги опфати и помалите заедници, можно е и тие да се амбицираат да застанат на чело на новиот ресор.

Во секој случај ќе има избор на нов министер, бидејќи Хазби Лика е избран во Владата на Заев како министер без ресор и со укинувањето на Секретаријатот ќе се укине и неговата позиција.

Формирање на ново Министерство беше усвоено од владата на Никола Груевски, но не се реализира поради политичката криза и промената на власта. Потоа новото министерство беше дел од преговорите за формирање влада помеѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ во 2016 година кои се изјаловија, но и дел од договорот за Влада помеѓу СДСМ и партијата на Ахмети. Министерството за политички систем беше дел и од таканаречената Тиранска платформа.

– По донесувањето на Законот за јазиците заокружен е нормативниот дел од Рамковниот договор и со тоа нема повеќе што да се зборува за Рамковниот, туку ќе треба да се следи неговата имплементација. Идејата е со новото министерство да се надмине Рамковниот и сите заедници да бидат под едно министерство и да не се делат – велат од ДУИ.

Ова ќе значи дека и Агенцијата за помалите заедници да биде дел од министерството за политички систем, но за ова ќе бидат потребни измени на закони бидејќи Агенциите не спаѓаат под министерства.

Според предлог законот за измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе биде надлежно за функционирање на политичкиот систем, обезбедување и координација на поддршка на Владата во реализација на стратешкиот приоритет поврзан со обврските кои произлегуваат од Рамковниот договор, обезбедување и реализација на финансиски средства за процесот на реализација на обврските кои произлегуваат од Рамковниот, координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на Рамковниот договор, унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците, право на употреба на јазиците и писмата на заедниците, гарантирање на заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на заедниците, меѓународна соработка за прашања кои се однесуваат на политичкиот живот и односите меѓу заедниците, други прашања што се однесуваат на политичкиот живот и односите меѓу заедниците.

Во состав на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ќе бидат вклучени Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Македонија.

Од 1 јуни кога ќе почне примената на законот Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор продолжува да работи како Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Вработените, опремата, документацијата и другите средства од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор се преземаат од Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Опремата, документацијата и другите средства од Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на припадниците на заедниците, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ги превзема од Министерството за образование и наука.

Вработените, опремата, документацијата и другите средства од Управата за афирмирање и унапредување на културата на припадниците на заедниците во Република Македонија, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ги превзема од Министерството за култура.

Собранието на Република Северна Македонија на предлог на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон ќе избере министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците и ќе именува заменик на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците.

Законот е предлог на пратениците Артан Груби, Џеват Адеми и Ејуп Алими од ДУИ, Зеќир Рамчиловиќ од осумката на ВМРО-ДПМНЕ, Панчо Минов кој излезез од опозициската пратеничка група и Јован Митрески од СДСМ.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...