Нови 50 корпи за џебен отпад во Карпош

83

Општина Карпош почна со поставување на 50 нови корпи за отпадоци, исклучително наменети за џебен отпад. Станува збор за корпи изработени од тврдопресуван полиестер, кои се поотпорни на временските влијанија, со цел да не се уништува нивното дно.

Корпите, како што информираа од Општина Карпош, биле поставени во неколку населби: во Козле (долж ул. „Јуриј Гагарин“), во Тафталиџе 2  (на ул. „Женевска“ и во близина на зградата на ЗЕЛС), во Карпош 4 (околу „Љубљанска“), како и во дворовите на основните училишта „Братство“ и „Димо Хаџи Димов“.

– Ја користиме оваа пригода уште еднаш да напоменеме дека, овие корпи се наменети исклучително за џебен, поситен отпад. Затоа се со мал отвор, како би се спречило фрлање на домашен отпад, што за жал претставува пракса во одредени населби. За таа намена, домашниот отпад треба да се фрла во големите контејнери за кои се задолжени екипите од ЈП Комунална хигиена –  Скопје, се вели во соопштението од Општината.

Оттаму велат дека се свесни оти постои потреба за поставување и обнова на повеќе вакви корпи за отпадоци. Токму затоа, до крајот на годината, најавуваат од Општина Карпош, ќе следи уште една серија поставување на корпи за џебен отпад и специјализирани корпи за отпушоци.

Општина Карпош продолжува со интензивните активности за  заштита на животната средина и правилно одлагање на отпадот за кој локалната самоуправа има надлежност.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...