Нови 4 случаи на морбили, заразено бебе и 35-годишна воспитувачка од градинка во Кисела Вода
loading...
Има 4 нови потврдени случаи на заболени од мали сипаници (морбили) во последното деноноќие, од кои две лица се амбулантски прегледани и пуштени на домашно лекување, а двајца се хоспитализирани на Инфективна клиника. Меѓу новозаболените е и 35-годишна воспитувачка од детската градинка „Весели цветови“ во Кисела Вода – информираат од Министерството за здравство.
Оттаму појаснуваат:
– Едниот пациент е 17-месечно бебе од Студеничани, а вториот е 35-годишна воспитувачка од детската градинка „Весели цветови“ во Кисела Вода. Вакциналниот статус на воспитувачката е непознат. Сите што се хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, а во моментов на Клиниката има 26 пациенти заболени од оваа болест – изјавуваат од Министерството за здравство.
Од Министерството за здравство ги повикаа повторно родителите чии деца не се вакцинирани, да ги вакцинираат.
– Вакцините се комплетно безбедни, со проверен рок и од европски производител. Вакцинацијата е придобивка на современата медицина. Нашата одговорност се граѓаните и секојдневно се грижиме за нив – велат од Министерството.