Од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) информираат дека за само една седмица вкупно се пријавени 109 нови случаи на мали сипаници (морбили), од кои 49 се од Скопје. Од нив речиси 90 отсто се непотполно или воопшто невакцинирани или со непознат вакцинален статус.
Од декември лани, кога букна епидемијата во Скопје, регистрирани се 767 случаи на морбили. Само во Скопје епидемиолошки поврзани и пријавени се 575 случаи.
Според постојано живеалиште, заболени од морбили се пријавени во 20 градови во Македонија. Од нив 521 случај се од Скопје, 63 од Тетово, 61 од Куманово, 27 од Струга, по 18 заболени се од Гевгелија и Дебар, 15 од Гостивар, 12 од Велес, 11 од Кичево, и по 4 од Кочани и Штип.
Во останатите 9 градови се регистрираат спорадични случаи, а највисока инциденца на 100.000 жители се регистрира во Струга, велат во ИЈЗ.