Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи судењето за обидот за убиство на Зијадин Села лани на 27 април во Собранието. Треба да се пуштаат видео снимки од случувањата во прес-салата и нападот врз лидерот на Алијансата на Албанците, кои, како што беше најавено, се најважните снимки поврзани со претепувањето на Села.
Според најавите, остануваат да се догледаат снимки во вкупно времетраење од 40-50 минути, меѓу кои и најкритичната на која директно се гледаат конкретните насилства врз Села.
По нив, постапката ќе продолжи со сослушување на сведоците предложени од одбраната. Судијката најави дека меѓу првите кои ќе ги повика да сведочат на денешното рочиште се и премиерот Зоран Заев, како и пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.
Сведочењето на Ѓорчев, како еден од поважните сведоци, според прогнозите може да трае и неколку часа.
Меѓу сведоците кои се повикани за денеска е и Александар Трајков кој на 27 април беше во Собранието како личното обезбедување на Заев, а повикани се и Антонио Филевски и Тони Мандаровски.
Земајќи ги предвид приговорите и барањата на странките, обвинителот и адвокатите, да се внесе во записник нешто од тоа што се гледа на снимките, како и гледањето на една снимка по неколку пати, неизвесно е дали на денешното рочиште ќе има време да се сослушаат и некои од повиканите сведоци.
На претходното рочиште кое се одржа на годишнината од упадот во Собранието, на 27 април, во судница околу шест часа се гледаа снимки од безбедносната камера во холот пред влезот во прес-салата во Собранието, од телевизиските камери кои снимаа внатре во прес-салата, како и снимки извадени од запленети мобилни телефони сопственост на дел од присутните граѓани во просторијата.
Од видеата кои се гледаа тогаш беше евидентирано присуството на обвинетите во прес-салата, како и на другите демонстранти, меѓу кои и групата со фантомки на главата, можеа да се видат и дел од насилните дејствија, како фрлањето сталаци за камери, столици, монитори и даски кон групата пратеници, но и првичната местоположба на Зијадин Села во прес-салата, кој при упадот стоел во последниот ред пратениците сместени во еден од ќошовите од просторијата. На снимката од безбедносната камера поставена во холот над влезот од прес-салата, во еден дел делумно можеше да се види и како фатен за раце и нозе го изнесуваат полумртвиот Села.
Гледањето на снимките на минатото рочиште беше прекинато вечерта околу 18.30 часот, по барање на обвинетите кои рекоа дека веќе се заморни и немаат концентрација.
Обвинети се вкупно десет лица: Кире и Цео Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Сашо Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Тие се товарат за обид за убиство, а на првите рочиште сите се изјаснија за невини.