Нови рочишта за „Монструм“ и за „Тарифа“

Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи и судењето за случајот „Тарифа“ на СЈО, во кој обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“  Дејан Бошковски и уште други две лица.

203

Во Кривичниот суд денеска треба да се одржат нови рочишта за предметите на Специјалното јавно обвинителство „Монструм“ и „Тарифа“.

Судењето за случајот „Монструм“ на СЈО, за петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, треба да продолжи со репродуцирање на снимка од исказот на обвинетиот Хаки Азири дадена пред јавен обвинител.

Снимката од исказот ќе се гледа на барање на Фатиме Фетаи од СЈО, откако поради технички причини на минатото рочиште беше прочитан само писмениот записник.

На него Азири, кој од заштитен сведок станува обвинет, кажува дека на 12 април ги возел со своето возило „мазда 626“ Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од обиколница Скопје до неговиот дом и тие му кажале дека извршиле убиство, поради што тој кажува дека е загрижен за својата безбедност и на своето семејство и бара заштита пред судот. Според исказот на Африм, тие пристигнале со црвена „опел омега“ и кога влегле немале оружје, но носеле ракавици и капи.

Масакрот кај Смилковското езеро се случи на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот сѐ уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Во Кривичниот суд денеска треба да продолжи и судењето за случајот „Тарифа“ на СЈО, во кој обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“  Дејан Бошковски и уште други две лица.

Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра. Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластување во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП Систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...