Телевизијата Алфа објави дека претседателскиот кандидат Стево Пендаровски им го откажал ТВ дуелот, иако претходно со кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска тој бил договорен. Од штабот на Пендаровски експресно реагираа дека телевизијата добила објаснување зошто претседателскиот кандидат нема да учествува на соочувањето.
– Од штабот на Пендаровски прво се согласија, па се предомислија за денешното соочување со противкандидатката Сиљановска-Давкова, објави ТВ Алфа.
Според телевизијата, двајцата кандидати биле поканети за тв соочување со наведени датуми и термини, при што добиле потврден одговор од изборните штабови.
– Кога заврши првиот изборен круг, телевизија Алфа емитуваше рекламен спот со најава со однапред договорениот термин, за ТВ соочување меѓу Сиљановска-Давкова и Пендаровски, кандидатите кои ја продолжија претседателската трка. Но, од необјасниви причини, уште првиот ден од емитувањето на рекламниот спот, од штабот на кандидатот Стево Пендатовски не известија дека тој сепак нема да присуствува на ТВ дуелот без никакво објаснување – објави телевизијата.
Од штабот на Пендарвски веднаш реагираа дека информацијата на телевизијата Алфа е неточна.
– За да се спречи ширење на шпекулации, во врска со гостувањето на заедничкиот кандидат за претседател Стево Пендаровски, не е точно дека ТВ Алфа, не добила никакво објаснување, како што е наведено во текстот објавен на веб страницата на телевизијата. Поради веќе договорени активности и набиена агенда на кандидатот за претседател Стево Пендаровски ве известуваме дека не сме во можност во посочениот термин да одговориме на вашето барање. Во првиот круг од кампањата Пендаровски одговори на сите барања за јавни настапи од медиумите, вклучително и на вашиот медиум, каде што веќе се реализираше интервју со кандидатот за претседател Стево Пендаровски, согласно вашите барања. Поради кратките рокови и веќе договорените теренски активности на кандидатот за претседател, го запазуваме принципот за учество на телевизиските соочувања на оние медиуми каде што немаше тв дуели и интервјуа во првиот изборен круг, со исклучок на националниот сервис МТВ, велат од штабот на кандидатот Пендаровски.