Министерството за здравство информира дека вчера се откриени пет нови случаи на заболени од морбили, а само денеска се вакцинирани 24 деца. До сега се вакцинирани вкупно 4 328 деца со МРП вакцини.
Како што информира Министерството за здравство, вчера на Клиниката за инфективни и фебрилни состојби примен е 19 годишен пациент со морбили во потешка здравствена состојба. Тој е префрлен од Клиниката за детски болести. Амбулантски се прегледани 4 деца на возраст од 7 месеци до 2 години. Сите 4 деца се пуштени на домашно лекување.
Оттаму информираат и дека постабилна е здравствената состојба на детето со церебрална парализа кое беше во потешка состојба. Исто така, подобрена е и постабилна состојбата и на 8 годишното девојче кое има астма и се заразило со морбили и варичела. Во моментов, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојбиима вкупно 18 пациенти со морбили (мали сипаници).
Министерството им наложи на Универзитетски Клиники да ги ограничат посетите на пациентите, односно да се забрани посета на пациенти кои лежат на клиниките се до крајот на траењето на епидемијата.
На родителите, пак, им се советува да ги почитуваат препораките на Министерството за здравство.
На трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“ има дежурни лекари секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот. На овие три места се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници).
Министерството за здравство ја потсетува јавноста дека сѐ уште е на сила наредбата дека децата, кои се невакцинирани нема да бидат примени во детските градинки, со цел да се спречи ширењето на епидемијата прогласена во Скопје.
Децата од училишна возраст задолжително да се вакцинираат ако не се вакцинирани или примиле само една доза од вакцината МРП.
„Апелираме до сите родители да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцина, која е висококвалитетна и ефективна, а производител е GlaxoSmithKline од Белгија.Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење’, убедуваат од Министерството за здравство.