Нови вработувања во затворите и 24 часа здравствена заштита за затворениците, бараат пратениците

223

Преместување во најбрз временски период на малолетните осудени лица од затворот во Охрид во Воспитно – поправниот дом Тетово, забрзување на изградбата на притворското одделение во рамките на КПУ Идризово, подобрување на третманот за ресоцијализација, обезбедување на 24 часовна здравствена услуга за осудените и притворените лица, се дел од предлог-заклучоците од јавната расправа на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во врска со состојбата во казнено поправните установи во државава.

Претседателот на собраниската комисијата, Фадил Зендели рече дека во заклучоците е истакната потребата за зголемување на финансиите на казнено – поправните установи за да се овозможи соодветно управување и подобрување на условите во затворите за осудените лица, како и да се зголеми можноста на осудените лица за контакт и комуникација со семејството.

– Потребно е да им се овозможи на осудените лица работен ангажман и други активности преку општествено корисна работа во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Да се испитаат и санкционираат наодите за присутна корупција во затворите, како и испитување на понижувачко постапување кон затворениците – истакна Зендели.

Во заклучокот е наведено дека Комисијата и понатаму ќе ја следи состојбата на затворите и дека преку редовни контакти и состаноци  ќе се информира за преземеното и спроведеното од предложените заклучоци.

Членовите на Комисијата немаа забелешки на заклучоците, освен неколку дополнување.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојловски рече дека во заклучокот за преместување на малолетните осудени лица во Воспитно – поправниот дом Тетово да се додаде дека е потребно тоа да се направи во најбрз можен временски период бидејќи, како што рече, објектот веќе неколку години е подготвен за да ги прими осудениците. Тој побара во секоја казнено – поправна установа да има директна здравствена заштита, а не преку здравствените домови.

Неговата сопартијка Слаѓана Митовска предложи дополнување на заклучокот во однос на вработувањето на педагози и психолози каде, според неа, треба да се дополни со вработување на дипломиран социјален работник. Таа побара и дополнување на една од точките за изготвување на програмите за отпус и реинтеграција со додавање на создавање на услови за ресоцијализација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...