Новиот координатор на ВМРО-ДПМНЕ: Постоењето на повеќе пратенички групи не наиде на она што очекувавме

305

ВМРО-ДПМНЕ во понатамошниот период ќе настапува како една пратеничка група, одлучи партијата на синоќешниот состанок на Извршниот комитет, а новиот координатор, пратеникот Никола Мицевски денеска за првпат имаше средба со медиумите.

– Ова беше разговарано во изминатиов период бидејќи постоењето на повеќе пратенички групи не наиде на она на што ние очекувавме, а тоа е доволен простор за да можеме да го искажеме сето она што беше планирано. Видовме непочитување на Деловникот на Собранието на Република Македонија и не давање можност на тие пратенички групи да го искажат сето она што требаше да биде кажано во Собранието, да го слушнат граѓаните на Република Македонија. Затоа уште малку порано беше одлучено да оваа пратеничка група настапува како една сублимирана значи од сите пратенички групи, да пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ може да се појави и да ги каже штетните политики кои што во моментот се случуваат во Република Македонија – изјави Мицевски.

Поранешниот координатор Драган Данев, пак, изјави дека смета оти тој лично ќе биде покорисен како пратеник отколку координатор.

– Јас сметам дека во наредниот период како пратеник ќе дадам поголем придонес отколку како координатор. Поминавме сите како пратеници и како пратеничка група во целост еден тежок период, тешка година, но убеден сум дека тоа е веќе позади нас и дека како пратеничка група и како пратеници ќе настојуваме, а тоа ни е обврска и пред граѓаните на Република Македонија да ги обезличиме погубните политики кои што СДСМ ги води како владејачка гарнитура во изминатиов период. Тоа го должиме на граѓаните на Република Македонија – изјави Данев.

Тој кажа оти повлекувањето е негова лична одлука и смета дека ваков момент кога тие од повеќе стануваат една пратеничка група, е добар за да се оди со нов координатор кој што ќе биде дополнителна вредност во работата на пратеничката група.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...