Имајќи го предвид фактот дека во изминатите години државава се оценуваше како земја со високо ниво на корупција во јавните набавки, согласно документите на меѓународните организации кои го следат развојот на демократските капацитети на државата и подготвеноста за приклучување кон големото европско семејство, особено е важно да се следат ефектите од примената на новиот Закон за јавните набавки, од страна на сите општествени чинители, со цел да се утврди дали направените подобрувања во регулативата ефикасно ќе придонесат за подобрување на состојбите на овој план.
Новиот Закон за јавните набавки отпочна да се применува од 1 април 2019 година и, на големо задоволство на бизнис-заедницата, беше донесен во широк консултативен процес, со учество сите засегнати страни.
За разлика од претходните години, кога во Државната програма за спречување на корупцијата беа наведувани голем број пропусти во системот на јавни набавки во поглед на преземање на одредени дејствија и донесување одлуки во постапките на доделување на договорите за јавни набавки, во Државната програма за превенција и репресија на корупцијата и превенција и намалување на појавата на судир на интереси, со Акционен план, за периодот 2016-2019 година, се наведува дека е забележан напредок во отстранувањето на констатираните слабости, но сепак евидентна е потребата од подобрување на контролните механизми за следење на реализацијата на склучените договори за јавни набавки, преку зајакнување на капацитетите на Државниот завод за ревизија, како и обезбедување поголема отвореност и вклученост на јавноста при донесување на планови набавки и нивните измени и дополнувања. Ако се анализираат приоритетите што биле предвидени да се преземат, ќе се констатира дека истите, од законодавен аспект, се применети, односно се вградени во новиот Закон за јавните набавки. Тоа, пред сѐ, се однесува на воведената обврска за договорните органи за задолжително објавување на годишните планови за јавни набавки, како и нивните измени за тековната година, кои треба да содржат образложение за потребата од секоја набавка, а при пресметка на проценката на вредноста на набавките задолжително да се земаат предвид пазарните услови, со што се очекува дека ќе се надминат слабостите во почетната фаза на определување на потребите и во планирањето на набавките.
Исто така, подобрување има и во делот на проширување на примената на Законот за јавните набавки и на фазата на спроведување на договорите, преку воведување обврска за договорните органи за задолжителна контрола врз спроведувањето на договорите за јавни набавки, како и за задолжително составување и објавување извештаи за спроведените набавки. Во старото решение не беше предвидена котрола на спроведувањето на договорите за јавни набавки, односно како што се посочуваше од компаниите „законот завршува со склучувањето на договорот за јавна набавка, а треба да се прошири неговата примена и на следењето на реализацијата на договорите“. Истовремено, како една позитивна придобивка на новиот закон е и задолжителното објавување на склучените договори, нивните измени и извештаите за реализирани договори, како конкретен позитивен чекор кон подобрување на транспарентноста, од една страна, и намалување на можностите за коруптивни однесувања, од друга страна.
Ако се има предвид фактот дека пазарот на јавни набавки претставува 9% од БДП на земјава и 20,6% од државниот буџет во 2018 година, лесно ќе дојдеме до заклучок дека клучен приоритет во земјава треба да биде континуираното унапредување на системот за јавни набавки, врз основа на принципите на транспарентност, конкурентност, отчетност и доследно спроведување на процедурите во постапките за јавните набавки, сѐ со цел зголемување на ефикасноста во превенцијата на корупцијата и судирот на интереси.
Од таа причина, третирањето на ова прашање е и еден од приоритетите во работењето на Стопанската комора на Македонија во 2019 година. Во таа насока, се и планираните мерки кои бизнис-заедницата организирана преку Стопанската комора на Македонија ќе се залага за преземање во наредниот период, од кои посебно значајни се следнитe:
- Комората во соработка со државните органи ќе иницира нормирање на стандарди и критериуми за избор на економски најповолна понуда во постапките за јавни набавки. Критериумот најниска цена, кој во стариот Закон за јавните набавки беше единствен одлучувачки критериум при изборот на најповолната понуда во постапките за јавни набавки и кој беше најчесто посочуван проблем што го засега работењето на компаниите се замени со критериумот економски најповолна понуда во новиот Закон, со што се очекува дека ќе се надминат ситуациите на понуди и набавки со невообичаено ниски цени и низок квалитет. Цената, може да биде доминантен фактор но само за набавка на стандардизирани стоки и услуги со добро дефинирани технички спецификации. Со оглед на тоа дека овој критериум е прешироко дефиниран во Законот, потребно е изработка на методологија за негова примена и тоа бизнис секторот бараше да го предвиди Законот, со определување на рок во која ќе се донесе како подзаконски акт, но со оглед дека тоа не го предвидува законот, преземена е горенаведената мерка.
2. Се побара да се вклучи бизнис-заедницата во поднесувањето на подзаконски акти (правилници, упатства) со кои ќе се пропише и изработи стандардна тендерска документација по одделни стопански сектори/дејности, што би опфатило пропишување на технички спецификации (примероци на технички спецификации) на предметот на набавката, стандардизирани модели на договори за јавни набавки, со цел подобрување на квалитетот на набавките, но и заради обезбедување на поголема конкурентност на економските оператори и спречување на можностите за фаворизирање на определени економски оператори, како облик на потенцијално коруптивно однесување и постапување.
3. Ќе се иницираат измени во Законот за јавни набавки со кои ќе се предвиди вршење на контрола на Бирото за јавни набавки по барање на стопанските комори, во насока на поефикасно спроведување на управната контрола од страна на Бирото за јавни набавки на огласите и на тендерската документација, која се воведува во новиот закон и отстранување на повредите на законот уште пред почетокот на постапките за јавни набавки, со што се намалуваат можностите за неоправдано ограничување на конкуренцијата меѓу економските оператори, дискриминација на понудувачите, несразмерност на постапките со предметот на набавките и сл.
Своевидна потврда дека се потребни дополнителни напори за отстранување на коруптивните дејствија во постапките за јавни набавки е и овогодишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, во кој се констатира дека во делот на јавните набавки, концесиите и јавно-приватните партнерства, земјата е умерено подготвена, поради фактот што е особено подложна на корупција.
Несомнено е дека за да имаме голем напредок на овој план, решението не треба да се гледа само во новините што се направени со Законот за јавните набавки, кои се секако позитивен сигнал за подобрување на состојбите, туку особено значајно прашање е и соодветното процесуирање на случаите на корупција во јавните набавки и казнување на сторителите, поголема соработка помеѓу органите за јавни набавки и засегнатите страни, вклучувајќи ја Државната комисија за жалби по јавни набавки, Државната комисија за заштита на конкуренцијата и Државната комисија за спречување на корупцијата, зголемување на административниот капацитет на Министерството за финансии и Бирото за јавните набавки и многу други слични активности на кои треба да се работи во наредниот период.
Оттука, јасно е дека свеста за правилно спроведување на постапките за јавни набавки сѐ уште не е на посакуваното ниво. И покрај континуираното унапредување на Законот за јавни набавки, останува потребата од подигање на интегритетот во јавните набавки и интегрален пристап на сите надлежни институции во системот за превенција и репресија на коруптивните постапувања во постапките за јавните набавки.