Не ми доаѓа лесно да кажам Северна Македонија, вели новиот градоначалник на Солун, Константинос Зервас, говорејќи за грчкиот весник „Катимерини“, во однос на тоа кое име го користи за соседната земја и додава дека ја нарекува Скопје или ФИРОМ, jави дописничката на МИА од Атина.
Солунскиот градоначалник вели дека Договорот од Преспа е лош договор и е со комплетно различна позиција во споредба со неговиот претходник Јанис Бутарис за т.н. дипломатија на градовите.
– Градоначалникот на Солун не е ниту министер за надворешни работи, ниту министер за туризам, ниту верувам толку многу во дипломатијата на градовите. Јас, исто така, сум малку почувствителен во патриотските и националните прашања. Сметам дека требаше да ги чуеме историјата и чувството на градот за некои прашања што се однесуваат на нашите односи со нашите северни соседи. Сметам дека Договорот од Преспа беше лош договор – вели Зервас.
На прашањето, доколку премиерот Зоран Заев го покани да ја посети соседната земја, дали ќе оди, солунскиот градоначалник вели дека ќе го остави тоа за во иднина, а во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа, објаснува дека тие ќе работата за сѐ што се појавува во светот како „македонско“ да се однесува на Грција.
-Јас имам изјавено дека како општина Солун ќе работиме за било што се појавува како македонско во светот да се однесува на Грција, а не на републиката на Скопје – коментира Зервас и објаснува дека не му доаѓа лесно да го користи новото име за нашата земја.