Граѓаните скептични, Градот дециден: Асфалтот со поголеми гранули е поиздржлив (ФОТО)

1189

Новиот асфалт на улицата Антон Попов има поголем квалитет, долготрајност и издржливост, велат од Одделението за односи со јавноста и информации за граѓаните на Град Скопје.

– На оваа улица е нанесен слој на асфалт „сплит мастик“ кој се користи на повеќето градски сообраќајници изминативе неколку години. Тој е со поголеми гранули и истиот нуди поголем квалитет, долготрајност и издржливост. Сите сообраќајници кои ги гради Градот Скопје се вршат согласно сите европски стандарди. Дополнително, секој градежен објект има стручен надзор кој го контролира изведувањето на градежните работи и го тестира асфалтот кој се користи во истите – велат оттаму за Плусинфо.

Град Скопје изминатиов период изврши реконструкција на коловозот на улицата Антон Попов, на потег од крстосницата со улиците Јордан Мијалков и Павел Шатев, до крстосницата со улицата Димо Хаџи Димов, во вкупна должина од 584 метри.

– На оваа делница е поставен нов асфалт, а извршено е и нивелирање на 37 постојни шахти и сливници. За реализација на овој капитален проект од буџетот на Град Скопје се издвоени 5,5 милиони денари – рекоа од Градот.

Бидејќи има шахти кои не се рамни со асфалтот, прашавме дали се работи на овој проблем, затоа што граѓаните би можеле да си ги уништат возилата.

– Во моментов се работи на доизработка на овие шахти и очекуваме целосно да заврши нивната корекција во текот на наредниве неколку денови – одговорија од Град Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...