Новинарските организации едногласни: Итно да се деблокираат медиумските реформи

62

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ) излегоа со заедничко соопштение барајќи деблокирање на медиумските реформи бидејќи, како што наведуваат, се сериозно загрижени поради целосниот застој на постапката за избор на членови на Советот на медиумскиот регулатор и Програмскиот совет на Македонската радиотелевизија.

„Ги повикуваме претседателот и членовите на Комисијата за избори и именување при Собранието да го отпочнат процесот за избор на членови на овие тела. Секое попречување или одолговлекување на процесот сериозно ќе влијае врз спроведувањето на процесот на медиумски реформи во државата. Од изборот на членови во овие тела директно зависат долгоочекуваните системски промени во медиумската сфера, кои треба да овозможат медиумите да работат независно и професионално. Потсетуваме дека медиумските реформи се од клучно значење за евроинтегративните процеси на државата, што се нотира и во последниот извештај на Европската комисија во кој што се вели дека „државата треба да направи напор за да се подобри независноста и професионалните стандарди на јавниот радиодифузен сервис и неговата финансиска независност“. Од друга страна се очекува транспарентен и правичен избор на членовите на двете тела врз основа на нивната стручност“, наведуваат во соопштението.

Конкурсот, потсетуваат, беше отворен во јануари годинава, а одлуката за избор на членовите на двете тела требаше да се случи веднаш по претседателските избори.

Здруженијата укажуваат дека Владата, Парламентот, но и сите политички чинители имаат одговорност сериозно да пристапат кон овој процес и да се стават над партиските интереси за да се спречат понатамошни штети во медиумскиот сектор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...