Новинарот на МИА Марјан Танушевски добитник на наградата за новинарство „Тоде Петрески“

447
OLYMPUS DIGITAL CAMERA

Редакцијата на „Битолски весник“ и семејството Петрески ја доделија наградата за новинарство, со посебен акцент на новинарска репортажа „Тоде Петрески“, чиј годинашен добитник е новинарот на МИА, Марјан Танушевски.

Традиционално, 14 години посмртно, оваа награда се доделува во чест на починатиот новинар и дописник од Битола, на Радио Скопје, Тоде Петрески, истакна Менде Младеновски, директор, главен и одговорен уредник на „Битолски весник“.

– Во последно време затрупани сме од „лажни вести“, а единствен начин за одбрана од тој вирус се професионални новинари и професионални медиуми. Новинарот на МИА Марјан Танушевски е професионалец за пример, а наградата ја добива за серијата репортажи објавени во својата матична куќа МИА како што се „Првиот наставен час на современ македонски јазик во средното образование“, „Несовесно трошење – хартијата во предност наспроти компјутерот“, „Еврејските огништа во Битола“, „Гимназискиот Дневник на Кемал Ататурк“, „Дрвените играчки на Благоја – Секуловски од село Журче“, „Велушина – село со девет цркви и ретки икони од 18 век“ – посочи Младеновски.

На промотивниот настан, пред семејството Петрески, колеги новинари од Битола и градоначалничката Наташа Петровска, добитникот на наградата, новинарот Марјан Танушевски истакна дека посебно вредни се наградите кои доаѓаат од новинарската фела.

– Од Тоде Петрески учевме да бидеме професионалци и храбри новинари, но и колеги во вистинска смисла на зборот. Меѓусебната соработка и поддршка овозможуваат посилни медиуми, а со посилни медиуми ќе има и поголема демократија во заедницата. Јавниот и бизнис секторот треба да ја зголемат поддршката на работниците во медиумската индустрија, затоа што новинарството ви го донесува светот, но новинарството и ве внесува во светот – рече меѓудругото Танушевски.

Марјан Танушевски, новинар-уредник во МИА е член на Здружението на новинарите на Македонија-ЗНМ и на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници-ССНМ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...