Бев на помалку од едно метро од Талат Џафери и Зоран Заев кога толпата почна да влегува во Собранието. Снимав со мобилен телефон и ги прашав дали можат да ја гарантираат безбедноста на новинарите. Џафери ми одговори дека е сигурен дека институциите ќе си ја завршат работата, раскажуваше новинарка за моментите кога толпата на 27 април влегла во Собранието при нејзиното сведочење во Кривичниот суд во Скопје.
– За кратко време толпата успеа да влезе во прес центарот. Тоа беше налет на гнев и омраза. Луѓето навредуваат, викаа, пцуеја. Забележав луѓе со качулки и црни маици, директно се насочија кон пратениците. Ние новинарите инстиктивно се насочивме во другиот ќош. Според моја процена од тоа како се движеше толпата фокусот беа Зоран Заев, Талат Џафери и Зијадин Села – раскажуваше новинарката која исто така кажа дека нејзиниот впечаток е и оти лицата со фантомки ги насочувале по останатите.
Емотивно таа раскажуваше за атмосферата во Собранието посочувајќи дека се мавало со јарболи од знамиња, со предмети во прес центарот, со што ќе се стигне.
– Кога се слушна истрел, толпата се повлече. Имаше еден вакум период за потоа состојбата да ескалира и сите да почнат да удираат по секого, тука мислам и на новинарите. Особено телевизиските зошто не препознаваа – се сеќаваше сведокот.
Новинарката зборуваше и за моментите кога Зијадин Села беше крвнички претепан. Го удираа 6-8 луѓе директно во главата, се бараше простор за некој да шутне, раскажуваше таа. „Работиш во предавнички медиум”, „соросоитка”… биле дел од навредите упатени кон неа.
Новинарката раскажа и момент кога со колешка снимале со мобилен во прес центарот, а дел од насилниците ги забележале и го зеле и фрлиле телефонот на земја. Колешката го земала и повторно снимале, по што следувало уште едно одземање на телефонот, а кога излегле од прес центарот насилниците тргнале по нив и им викале да ги избришат снимките. Со колешката тројца од нив влегле во една канцеларија, а на неа не и дозволиле да влезе. Побарала помош за колешката од собраниското обезбедување, но не добила.
Новинарката во нејзиното сведочење кажа дека била во шок од тоа што се се случувало во Собранието и од тоа како никој од полицијата не реагирал.
– Мислев дека ние од таму нема живи да излеземе – рече новинарката.