Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска на одбележувањето на 73-годишнината од работењето ги додели годишните награди за најдобри новинарски стории за 2018 година.
Наградата за животно дело „Крсте Петков Мисирков“ и беше врачена на Менче Атанасова-Точи од ТВ Нова, која на своите постари колеги им порача да работат со помладите за се врати квалитетот во новинарството.
Наградата за најдобра истражувачката сторија ја добија новинарот Сунај Сабриоски од ТВ 24 за неговиот серијал на прилози за продажбата на атрактивното земјиште спроти Градскиот трговски центар и на новинарката Ирена Мулачка од „Фокус“ за серијалот за приватната установа за заштита на возрасни лица во Радишани.
Годинава, првпат беа доделени две награди за новинарски стории од локален и регионален карактер со цел да се поттикне истражувачкото новинарство во локалните медиуми. Наградени се Светлана Дарудова, дописник на МИА за нејзината сторија за недоволната грижа за децата со пречки во развојот во Неготино и Сузана Мицева за прилозите за раководителот на хидросистемот Ѓавато во Богданци кој боледуваше во канцеларија, објавени на телевизија „Телма“.
– Истражувајќи на терен посетив неколку семејства кои имаат деца со попреченост. Сите тие ми станаа пријатели и им благодарам што сите тие ми дозволија да станам дел од нивниот живот. Се пожалија на недоволна грижа и поддршка и помош што ја имаат од општеството. Изразувам надеж дека оваа поддршка ќе биде поголема бидејќи во животот ништо не е толку добро за да не може да биде уште подобро – истакна Дарудова.
На конкурсот на ЗНМ годинава имало 27 апликации, а како што рече претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски, радува фактот дека за наградите конкурираат млади новинари што значи дека новинарството има иднина.
Според него, предизвиците со кои се соочува новинарската фела и на кои треба да се работи се дезинформациите во медиумите и подигнувањето на професионалните стандарди во новинарството.
– За професионалното известување не треба да има компромис – порача Чадиковски.
Фондот за првите четири награди е два илјади евра кои се обезбедени со поддршка на Стопанската комора на Македонија.