Најостро ги осудуваме заканите на вработениот Емил Јакимовски преку Интернет врз новинарката и заменик-уредникот на А1он, Мери Јордановска, наведено е во соопштението на Централниот регистар.
„Сакаме да истакнеме дека поради нарушување на работниот ред и дисциплина, како и закани кон вработени во Централниот регистар на Република Северна Македонија, против Емил Јакимовски веќе е отворена дисциплинска постапка. Комисијата сè уште нема одлука, бидејќи вработениот Емил Јакимовски веќе неколку месеци е на боледување. Исто така, во изминатиот период во МВР има повеќе пријави од вработени во Централниот регистар поради закани од истото лице. Меѓу пријавите поднесени во МВР е и пријавата поднесена од директорката на Централен регистар, Марија Бошковска Јанковски, која во изминатиот период е мета на постојани напади и закани од Емил Јакимовски. Централниот регистар секогаш имал одлична соработка со медиумските работници и новинарите и затоа апелираме МВР и истражните органи да ги испитаат ваквите наводи и да ги преземат сите неопходни мерки за расчистување на случајот“, наведено е во соопштението.
На заканите врз новинарката Јордановска денеска реагираше и СЕММ, кој побара од институциите да се спроведе брза истрага.