Новинарите треба да си изберат нов синдикален водач, Чаушидис заминува

419

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаушидис си заминува од функцијата, откако два мандата беше на оваа позиција. Нејзиниот втор мандат истекува до следното Собрание на Синдикатот, кое е закажано за 17 и 18 ноември.

Таа денеска во соопштение до медиумите информира дека на следното Собрание на Синадикатот се повлекува како претседател.

– Ве информирам дека на следното собрание на ССНМ јас се повлекувам како претседател и давам неотповиклива оставка. Сметам дека со оглед на тоа што сум на чело на синдикатот од самото негово основање, по осум години и формално и природно мојот мандат завршува.

Нашиот статус не дозволува подолг мандат за претседателот и тоа заеднички го усвоивме како став токму за да се избегне ситуација во која некој би можел да ја присвои организацијата. Продолжувањето на мојот мандат би било контрапродуктивно. Многу е важно ССНМ да опстане и да функционира со ново раководство и со нови луѓе, кои сигурна сум ќе дадат свој печат и ќе отворат патишта кои што јас не успеав да ги трасирам. Затоа ве повикувам да се охрабрите и да се кандидирате за местото претседател на ССНМ, нагласува таа во соопштението.

Вели дека заминува со измешани чувствува. Од една страна со гордост за се што досега е постигнато, но и со жал за грешките, што биле направени во процесот на осумгодишното работење на синдикатот.

– Заминувам со измешани чувства. Од една страна горда сум на се што постигнавме. Од спонтана и ентузијастичка иницијатива на група новинари за овие осум години станавме релевантна новинарска организација која, без лажна скромност, беше постојано на барикадите во борбата за социјална правда, слобода на изразување и достоинство на професијата. Се надевам дека таа вредност и натаму ќе биде клучна за ССНМ.

Благодарна сум на сите кои постојано или во одреден дел од патот се вложија во формирањето и растењето на ССНМ, нагласува таа.

Истакнува дека ова било заеднички потфат и сите, а особено членовите на Извршните одбори од првиот до последниот состав, беа активистички столб без кој синдикатот немаше да опстане.

– Истовремено, жалам за грешките кои неминовно сме ги направиле, од неискуство, незнаење или погрешна проценка и се надевам дека тоа искуство ќе ни помогне во иднина да не ги повторуваме и да останеме доследни на идејата за борбен и активистички синдикат што не прави компромиси и не калкулира со сопствениот комфор кога се во прашање вредностите на професијата, нагласува таа во соопштението.

Чаушидис додава дека за слободата и положбата на новинарите и медиумските работници работата никогаш не е завршена.

– Пред ССНМ престои период на нови предизвици, јас останувам подготвена да помогнам, но време е за нови луѓе, вели таа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...