Новинарите треба да си ги бараат на суд авторските права

88
20150330 Monday 1015 ZNM zdruzenie na novinarite na makedonija

Подобро запознавање на новинарите и медиумските работници со авторските права и начинот како да ги заштитат тие права пред надлежните институции е целта на публикацијата која денеска ја презентираше Здружението на новинари на Македонија изработена од авторите Иван Брешковски и Игор Марковски.

– Во медиумската сфера во Република Македонија има масовно кршење на авторските права на новинарите и медиумските работници со т.н. „копи пејст“ новинарство што директно влијае на лошиот социјален статус на новинарите. За надминување на оваа состојба потребно е новинарите да се едуцираат за начинот како да ги заштитат авторските права и да се подигне свеста кај државните институции за важноста да се почитуваат тие права оти тоа директно влијае врз квалитетот на новинарството и врз слободата на медиумите – вели претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

Адвокатот Иван Брешковски, кој заедно со колегата Игор Марковски е автор на анализата посочува дека покрај опис на домашната и странска регулатива во оваа област таа нуди и приказ на пракси на меѓународни новинарски организации практики, на СЕ, и директивите на ЕУ кои треба да се имплементираат во нашето законодавство. Наведени се и препораки за надминување на проблемите во сферата на авторските права преку измени во законот за авторски права со давање компаративната анализа со хрватскиот закон, кој е усогласат со европската пракса со акцент на заштитата на авторските права при работен однос и колективното управување со авторското и сродните права.

– Унапредувањето на заштитата на авторските права е значајно кога станува збор за почитување на новинарските производи преку гарантирање на сопственоста на новинарските текстови, фотографии и аудио-визуелни содржини и гарантирање на материјалните права, односно имотните интереси на авторот (новинарот) – вели  Брешковски.

Тој посочува дека во актуелното македонско законодавство имотните права кои произлегуваат од новинарскиот производ по автоматизам се сопственост на работодавецот (медиумските куќи), за разлика од Хрватска каде имотните и материјалните права за авторското дело му припаѓаат на авторот, освен ако во договорот за работен однос не е регулирано на поинаков начин.

Запрашан како до спроведување на заштитата на авторските права на новинарите Селмани и Брешковски едногласни дека тоа треба да се прави на суд преку поведување постапки, за што постои мала но позитивна пракса и во земјата.

– Нема друг начин освен да одиме на суд. Новинарите и медиумите мора да научиме дека ако некој ги загрозува нашите права треба да бараме заштита на суд. Може да имаме различна перцепција за работата на судот, но ние мора да го искористиме тој инструмент – вели Насер Селмани.

Тој упати и на примерот со предупредувањето упатено од фоторепортерите до некои медиуми дека можат да бидат подложени на судски тужби, голем дел од тие медиуми кои го користат т.н. „копи пејст“ новинарство и крадат фотографии почнаа да се воздржуваат или да прават договори со фоторепоретите за купување на фотографиите.

Публикацијата „Влијанието на законот за авторско право и сродните права врз работата на новинарите, фоторепортерите и медиумските работници“ е финансиски поддржана од Фондацијата „Конрад Аденауер“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...