Новинарите на МИА се изборија за работна недела од 36 часа и платен дополнителен ангажман

391

Намалено работно време од 36 часа неделно, платени дополнителни ангажирања, регулирано ноќно работење, загарантирана слобода на информирање, но и заштита на МИА од партиска пропаганда и навреди што би ја загрозиле репутацијата на Агенцијата, предвидува Колективниот договор што денеска беше потпишан од АД Медиумска информативна агенција – МИА и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници – ССНМ.

Според директорот на МИА Драган Антоновски, во моментов ова е најдоброто решение.

– Може да се постигнуваат големи успеси со задоволни новинари кои ги имаат своите права, очекувам дека како МИА ќе добиеме поголема ефикасност и ќе бидеме подобри од тоа што сме – истакна Антоновски.

Тој нагласи дека секогаш може да се направи подобро, а тоа ќе биде, како што рече, откако договорот ќе се спроведе практично и кога ќе почне неговата имплементација.

За в.д.претседателот на ССНМ Ѕведан Георгиевски ова е историски момент за МИА и за Синдикатот, бидејќи овој е прв колективен договор што го склучуваат и двете страни.

– Се надевам дека многу брзо добивките од овој договор ќе бидат видливи, не само за вработените туку и за раководството на МИА, дека ќе стане добар пример што ќе го следат и другите медиуми за да дојдеме до нашата дефинитивна цел на колективен договор на ниво на гранка – истакна Георгиевски.

Договорот, посочи в.д. претседателот на ССНМ, е гарант дека без членовите на Синдикатот нема да може повеќе да се чепка по правата на новинарите или, пак, да се направи нешто без нивна согласност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...