Новинарите и снимателите револтирано ја напуштија лидерската средба во Собранието

5719

Новинарските екипи ја напуштија вечерашната лидерска средба во Собранието, пренесе Република.

Револтирани поради тоа  што состанокот помеѓу Заев и Мицкоски трае доцна по полноќ, а никој не дава изјави и информации, сите новинарски екипи сложно го напуштиле настанот.

Веста дека рано утринава сите си заминале од настанот ни ја потврдија и колегите кои ја следеле средбата од Собранието.

Како што веќе објавивме, и по околу два часа по полноќ, а цели шест часа од почетокот на средбата, немаше суштински напредок во преговорите меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев околу Законот за јавното обвинителство со кој се решава и судбината на Специјалното јавно обвинителство.

Извори на преговарачките тимови брифираа дека остануваат клучните разлики околу статусот на СЈО и предметите што ги отвори ова обвинителство.

Од преговарачкиот тим на власта информираа дека главната цел на опозицијата е предметите од СЈО да не продолжат, односно обвинетите од оваа партија да не одговараат пред правосудните органи. За власта, пак, ова е завршено прашање бидејќи со предавањето на предметите од СЈО кај јавниот обвинител, предметите на СЈО веќе никако не зависат од политичарите. Предметите, велат овие извори, зависат исклучиво од независна правосудна институција предводена од јавниот обвинител Љубомир Јовески.

Од ВМРО-ДПМНЕ не даваат прецизни информации, но посочија дека се вртат во круг околу клучните прашања.

Вечерашнава средба следи откако подолг период работните групи од власта и опозицијата не изнајдоа заеднички прифатливи решенија за Законот за ЈО кој треба да се донесе во Собранието со двотретинско мнозинство.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...