Нова терапија од САД за пациентите со хепатитис Ц за целосно излекување

 За да можат да го добијат лекот, на пациентите не треба да им биде оштетен црниот дроб. 

191

Пациентите со хепатитис Ц (вирусно заболување кое го напаѓа црниот дроб и има многу брза прогресија) ќе примаат нов тип терапија, со што ќе се овозможи да бидат целосно излекувани. Станува збор за донација од американска фондација – беше истакнато на денешната прес-конференција на Клиниката за инфективни болести.

– Имаме терапија за околу 150 пaциенти, со која ќе се спречи напредувањето на нивната болест и појава на цироза, рак и трансплантација. Досегашната терапија не овозможуваше целосно излекување, многу често болеста напредуваше до тој степен што на пациентите им беше потребна трансплантација и постоеше ризик од развој на различни степени на цироза или хепатоцелуларен карцином – рече министерот за здравство, Венко Филипче.

Посочи дека таа терапија во развиените земји постои години наназад и изрази надеж дека соработката со Фондацијата ќе продолжи и во други сфери, а во корист на пациентите.

Директорката на Клиниката за инфективни болести, д-р Милена Стевановиќ, рече дека во таа јавна здравствена установа и на Клиниката за гастроентерохепатологија, се спроведува третманот, а веќе е во тек регрутирањето пациенти кои ги исполнуваат условите за да почнат со третман со новата терапија.

– Тестирањата се во тек. Има пациенти кај кои таа процедура е завршена. Работиме на развивање комплетна стратегија, што значи превенирање и третирање на хроничен хепатитис Ц, кој е од огромно значење за искоренување на инфекцијата – додаде Стевановиќ.

Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, д-р Калина Гривчева Старделова, рече дека има голем број млади кои имаат цироза и хепатоцелуларен карцином, а веќе почнале со терапија. За да можат да го добијат лекот, на пациентите не треба да им биде оштетен црниот дроб.

На Клиниката за гастроентерохепатологија се регистрирани 30 пациенти кои имаат потреба од антивирусна терапија.

– Еден дел од нив се од генотип 1 и генотип 4, за кои е оваа терапија. Ќе бидат излекувани сите пациенти на Клиниката кои биле издетектирани дека се позитивни на хепатитис Ц, генотип 1 и 4. Имавме комуникација со Нефрологија, каде има ризична група пациенти кои одат на дијализа или се трансплантирани, за да се препратат во гастро, да поминат детекција, за да можат тие што ќе ја поминат селекцијата да добиваат терапија. Има доволно терапија, не само за пациентите на гастро, инфективна, туку и за пациентите од друга патологија – додаде Гривчева Старделова.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...