Третиот дијалог на лидерите на парламентарните партии во рамки на дијалогот „Жан Моне“ ќе се одржи в петок и сабота. Во фокусот ќе биде собранискиот Деловник за кој во изминатиот период не беше постигнат договор. Се очекува на средбата да учествува и новиот известувач на Европскиот парламент за земјата, Илхан Ќучук и други европратеници.
Најголем дел од спорните точки во Деловникот беа усогласени. За опозицијата беше спорен начинот на избор на Генералниот секретар на Собранието како и усогласувањето на Деловникот со амандманите на Уставот, со кои Деловникот треба да го носи новото име на државата – Деловник на Собранието на Република Северна Македонија.
Консензус е постигнат за тоа во Деловник да се ограничи времетраењето на конститутивната седница на парламентот, за да се избегнат блокади на тој процес.
Првата дебата се очекува в петок во парламентот, а потоа е предвидена и заедничка работна вечера на европратениците со лидерите на парламентарните партии: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, ДПА, Алијансата на Албанците, Алтернатива и Беса.
На вечерата се очекува да стане збор и за трите столба врз кои ќе се базираат идните заеднички односи меѓу Европската унија и Северна Македонија.