Нова политика на ДУИ: Нема да се носат битни одлуки без да се праша и албанската страна

4557

Консензуална интеграција, ветинг, квалитет на живот, работа и развој и млади се петте резолуции кои денеска добија виза од Централното претседателство на ДУИ во седиштето во Мала Речица. За резолуциите ќе се отвори дебата со академската заедница по што тие ќе треба да поминат на Конгресот на ДУИ кој ќе се одржи на 21 декември, за потоа да бидат преточени во програмски определби на партијата и во изборна програма со која интегративците ќе настапат на предвремените избори во април догодина.

За Плусинфо од партијата брифираат дека првиот столб од идните приоритети на ДУИ – консензуалната интеграција подразбира ниту една од есенцијалните одлуки во државата да не може да помине без консензус, односно со надгласување. Консензуалната интеграција ќе се однесува на интеграција на општеството, на регионот и на ЕУ и на НАТО.

– Мора како еднакви да се интегрираат Македонците и Албанците во општеството – вели висок функционер на ДУИ за Плусинфо.

Консензуалноста ќе се однесува на развојните, економските, буџетските и политиките за надворешни работи.

Од партијата велат дека консензуалноста се покажала како успешна политика која ја туркаат интегративците и потсетуваат дека буџетот не може да помине без консензус од албанскиот партнер во власта, дека ги истуркале и проектите за консензуален претседател на државата, како и дека во неколку општини со СДСМ предложиле консензуални градоначалници на последните локални избори.

Од ДУИ велат дека ова нема да значи барања за законски измени, туку дека не ќе може да се донесе ниту една битна одлука за општеството еднострано, без да се праша и албанската страна. Како пример се наведува последната ситуација со забелешките на Венецијанската комисија за Законот за јазиците и ставот на ДУИ дека ќе нема промени на законот, односно дека за нив се неприфатливи еднострани одлуки.

Вториот столб или резолуција која денеска помина на Централното претседателство на ДУИ е ветингот и тоа не само неговата практична примена туку ветингот како политика. ДУИ врз основа на предлог законот за ветинг кој веќе го достави до пратеничките групи предлага тој да се однесува на сите именувани и избрани носители на јавни функции, на судиите и на обвинителите. Од партијата велат дека целта е преку ветингот да се постигне неселективна правда, доверба во институциите, борба против корупцијата и владеење на правото.

Третата резолуција е квалитет на животот. Од партијата објаснуваат дека со затворањето на нормативниот дел од Рамковниот договор, односно со затворањето на етничките прашања ДУИ ќе се посвети на политики кои обезбедуваат услови за квалитетен живот. Квалитетот на животот ги опфаќа образованието, здравството, како и квалитетни услуги за граѓаните.

Четвртата резолуција се однесува на работа и развој. Тука влегуваат политиките за отворање работни места.

Петтата резолуција ги опфаќа политиките за младите за подигнување на стандардите во државата за младите да останат дома и тука ја градат својата иднина, а тие што се отселиле да се вратат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...