Најголемата грчка опозициска партија Нова демократија за последните случувања во грчката Влада коментира дека станува збор за режирана разделба на Ципрас и Каменос, „претстава што има за цел ратификација на Договорот од Преспа, останување на СИРИЗА на власт и задржување на фотелјите од страна на Каменос и неговите пратеници”, јави дописничката на МИА од Атина.
„Затоа всушност и господинот Каменос му позајмува на господинот Ципрас двајца пратеници за да му дадат глас за доверба, без да ги избрише од пратеничката група на Независни Грци. Оваа невкусна и штетна претстава треба да заврши. На гласањето за доверба на Владата, секој пратеник што ќе го поддржи господинот Ципрас, презема одговорност пред историјата“, соопштуваат од Нова демократија.
Грчкиот премиер Ципрас попладнево во изјава за медиумите потврди дека и формално е поднесено барањето за гласање доверба на Владата. Тој е уверен дека ќе добие довербата од пратениците. Постапката во Парламентот почнува во вторник, а треба да заврши со гласање во четврток вечер.