Против директорот на Фондот за здравство Ден Дончев и против актуелниот министер за здравство Венко Филипче е поднесена кривична пријава, во која оштетената скопјанка Вера Иванова тврди дека двајцата сториле кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување според член 353 од Кривичниот законик. Во пријавата се тврди дека тие здружено презеле дејствија со кои ја оштетиле и неа, но и Буџетот на Република Македонија, во обид да стопираат влез на странска инвестиција во Македонија вредна 11,5 милиони евра.
Случајот ѝ е делумно познат на македонската јавност, но од аголот на државните функционери, кои, според оштетената, презеле криминални дејствија за да го одвратат реномираниот светски провајдер на услуги на полето на дијализата, шведската компанија „Диаверум“, од намерата да инвестира во Македонија. Тоа, според пријавата, го сториле на начин што прво ја довеле странската компанија во заблуда дека нејзиниот локален партнер, приватната здравствена установа „Диамед“, фирма ќерка на правното лице „Метрополитен“ (во сопственост на Иванова), е под кривична истрага, а потоа и успеале да предизвикаат некакви истражни дејствија, со кои нанеле дополнителни штети.
Подносителот на пријавата, чиј правен застапник е адвокатското друштво Давидовиќ и Јанковиќ, тврди дека Дончев, како организатор на кривичното дело, како и Филипче, како негов помагач, при своите постапки не се раководеле од државните интереси, туку од намерата да стекнат лична имотна корист. Дополнително, оштетената Иванова тврди дека со нивните дејствија е нарушен нејзиниот беспрекорен углед граден со долгогодишна макотрпна работа во здравствениот сектор, а оштетен е и угледот на државата која се бори за привлекување странски инвестиции. На Јавното обвинителство, каде што е поднесена пријавата, е да оцени дали овие сериозни обвинувања се точни.
За што, всушност, станува збор? Што содржи оваа несекојдневна кривична пријава?
Од Заев поддршка, од Дончев – студен туш?!
„Метрополитен“, во 2014 година, во регуларна постапка, склучува концесиски договор со тогашната влада, на рок од 20 години, за давање услуги за третман на дијализно болни пациенти во дел од земјата. За таа цел е формирана ПЗУ „Диамед“, која врз основа на концесијата склучува договори со Фондот за здравство. Проблемот настанува кога сопственичката Вера Иванова одлучува да ја продаде својата компанија „Метрополитен“ на светски познатата компанија „Диаверум“. Според востановената пракса за вакви зделки, Швеѓаните вршат детална ревизија на локалниот партнер, на сопственоста, на неговото работење и на договорите со локалните власти, за потоа одборот на странскиот инвеститор да одлучи да го преземе „Метрополитен“ односно „Диамед“ и да инвестира во здравствениот систем во Македонија. Патем речено, денес тоа е и реалност – странскиот инвеститор успешно ги врши тие услуги во нашата земја, на задоволство на пациентите.
Кон крајот на 2017 година, Швеѓаните ги вршат последните подготовки за влез во Македонија. Но, на почетокот на 2018 година, кога странците доаѓаат во Македонија на формални средби со македонските власти, од премиерот Зоран Заев добиваат силна поддршка, а директорот на Фондот за здравство Ден Дончев ги пречекува со студен туш. Според кривичната пријава, на средбата со инвеститорите, Дончев изнесува куп лаги за фирмата „Метрополитен“, како за сопственоста, така и за постапката за добивање на концесијата, но најважно е што изнесува клевета дека против фирмата се води истрага. Подносителот на кривичната пријава категорично тврди дека тоа не било точно и обвинува дека Дончев странските инвеститори ги опоменал дека ако ја купат фирмата „Метрополитен“, ќе имаат проблем со наплатата на услугите за дијализа. Адутот во рацете на Дончев е и обврската на „Диамед“ постојано да го обновува договорот со Фондот за здравство.
Овој разговор, во кој Дончев ја компромитира фирмата „Метрополитен“ и се труди да го предомисли странскиот инвеститор, се води во присуство на високи претсгавници на компанијата „Диаверум“, на нивниот правен застапник во Република Македонија и на актуелниот министер за здравство Венко Филипче, тогаш во улога на советник на премиерот Заев за здравство. За исходот од овој разговор е информиран и тогашниот шведски амбасадор Матс Стафансон, кој, запознаен со долгиот процес на финансиска и темелна ревизија на македонската компанија од страна на инвеститорот, бил крајно изненаден од она што го разбрал. Но, Ден Дончев останува на своите тврдења, до премиерот Заев испраќа порака дека наскоро ќе достави докази за обвинувањата за „Метрополитен“, но тоа никогаш нема да го стори. Според нашите информации, Заев не ги знае вистинските причини за поведението на Дончев и во овој случај е злоупотребен.
Швеѓаните привремено се повлекуваат, но „скенираат“
По оваа неочекувана непријатност, наспроти наодите на сопственото „скенирање“ на локалниот партнер, кои покажуваат дека буквално сѐ е во ред, странскиот инвеститор привремено ги стопира и иницијативата и активностите околу реализацијата на оваа инвестиција замираат. Но, додека одлуката за инвестирање е во мирување, луѓето од компанијата „Диаверум“ не мируваат. Цели шест месеци тие повторно ја „тресат“ фирмата на оштетаната Иванова и после оваа повторна ревизија, истражувачите и адвокатите на „Диаверум“ уште еднаш ќе се уверат дека нема ништо спорно ниту во сопственоста на нивниот локален партнер, ниту во постапката за добивањето на концесијата за вршење на здравствени услуги.
Уште поинтересно е дека Фондот за здравство, откако помислил дека „Диаверум“ веќе се откажал од намерата да инвестира во Македонија, својата соработка со ПЗУ „Диамед“ ја продолжува нормално. Услугите се пружаат според концесискиот договор, а Фондот плаќа редовно, дури и пред време. Во тој период Швеѓаните зачудено го посматраат однесувањето на Дончев и сфаќаат дека тука нешто навистина не е во ред, но не со „Диамед“. Подносителот на кривичната пријава смета дека со своето поведение, Дончев, всушност, сакал на странскиот инвеститор да му ја демонстрира својата моќ, односно да го убеди дека тој е човекот кој располага со здравствената каса и затоа пали и гаси во македонското здравство. Оштетената страна тврди дека Дончев прво индиректно најавил, а подоцна на сопственикот на фирмата и директно му кажал дека доколку „Диаверум“ сака да влезе во Македонија и тој лично треба да биде дел од финансиската зделка.
„Диаверум“ влегува, ама Дончев не попушта
Охрабрен од новата ревизија, но пред сѐ од добрата соработка на Фондот за здравство со ПЗУ „Диамед“, инвеститорот „Диаверум“ ја активира одлуката да инвестира во здравствениот сектор во Македонија. Луѓето од големата странска компанија се сѐ поуверени дека се добредојдени во земјата и дека сега ќе наидат на позитивна клима. На 25 јули 2018 година, инвеститорот одржува состанок со премиерот Зоран Заев, на кој е присутен и шведскиот амбасадор Стафансон. На овој состанок премиерот испраќа позитивна порака и се потврдува дека нема ништо од наводните докази со кои пред половина година се заканува Дончев. Подоцна ќе се види дека во тоа време никаква истрага, всушност, немало.
Во следните три месечи, купувачот „Диаверум“ и продавачот „Метрополитен“ водат преговори за финалната купопродажба, во кои купувачот е во поповолна ситуација, бидејќи зделката се склучува со долго одлагање до кое дошло не по негова вина. Тоа придонесува купувачот да ја собори цената. После повторните проверки и анализи, „Диаверум“ од својот „газда“, од Бордот на акционери на фирмата „Бриџ поинт“ со седиште во Лондон (интернационална компанија со портфолио од 30 милијарди евра), конечно добива зелено светло да ја купи македонската фирма. Највисокото раководство на „Диаверум“ на 25 октомври 2018 година го известува премиерот Заев за својата одлука, а премиерот со големо задоволство ја поздравува како една од поголемите странски инвестиции во Македонија, а без конкуренција најглема инвестиција на земја членка на ЕУ во здравствениот сектор (11,5 милиони евра). Според оштетената страна, во таа прилика изманипулираниот Заев спомнува некаква истрага за „Метрополитен“, но ги уверува Швеѓаните дека тоа нема да влијае на инвестицијата.
Во тој момент, кога се објавува одлуката за купувањето на „Диамед“ од страна на „Диаверум“, против домашната компанија и против нејзината фирма основач не се води никаква формална или неформална истрага, тврди подносителот на кривичната пријава и повикува ова да се докаже со увид во документацијата на надлежните органи. Како и да е, после средбата кај премиерот и задолжителното сликање, каде повторно се присутни шведскиот амбасадор и инвеститорот, доаѓа до склучување на зделката. Инвеститорот и сопственикот и директор на фирмата продавач, Иванова, го потпишуваат договорот, во присуство на адвокатите на странките. Истиот ден, во попладневние часови, инвеститорот, сега веќе нов сопственик, доаѓа на разговор со Венко Филипче, сега министер за здравство и со неизбежниот Ден Дончев.
Пред вџашениот инвеститор, Дончев и Филипче ги повторуваат старите ставови за македонската компанија, па дури и порадикални. Повторно истите тврдења за наводно проблематичната сопственост, за наводната истрага итн. Сега и странскиот инвеститор веќе е убеден дека целта на овој притисок е да се спречи зделката, тврди оштетената Иванова во пријавата, но работата веќе е завршена. Подносителот на кривичната пријава обвинува дека намерата на лицата Дончев и Филипче била да стекнат противправна имотна корист. Без оглед дали е тоа точно, нашите информации се дека главен лик во оваа приказна сепак е Ден Дончев, Филипче му „спарингува“ по редот на нештата (како министер), додека на премиерот Заев му се сервираат дозирани информации за да се доведе во заблуда. Оваа средба инвеститорот ја завршува на тој начин што ги известува Дончев и Филипче дека одлуката е конечна, дека договорот е потпишан и дека нема да подлегне на провокациите, како првиот пат.
Денес потпис и сликање со премиерот, утре кривична истрага
Иако подносителот на пријавата тврди дека Дончев во текот на сите разговори со инвеститорот суптилно се препорачувал како иден партнер во фирмата концесионер, со намера да ја преземе, факт е дека денешните односи меѓу странскиот инвеститор и Фондот за здравство се речиси нормални – услугите се извршуваат и уредно се плаќаат. Но, само речиси… Всушност, последици сепак има и врз странскиот инвеститор, бидејќи по истекот на договорот меѓу Фондот и „Диамед“ во јануари 2019 година, тој не е продолжен, па се потпишуваат тромесечни анекси, кои кај инвеститорот создаваат правна несигурност. Поради ова странскиот инвеститор може да заведе спор пред меѓународен суд. Но, тоа сепак е ништо во споредба со она што го чека продавачот. Дончев не смее силно да удри по Швеѓаните, но затоа жестоко ќе удри по продавачот.
Во пријавата се тврди дека на денот на преземањето на фирмата, Ден Дончев се заканил дека ако не се стопира инвестицијата, тој ќе ја искористи својата политичка моќ и функциите што ја има за да има сериозни последици врз оштетената Иванова и врз нејзината фирма.Според тужителот, тој се заканувал со истраги, инспекции, кривични пријави, анимирање на Агенцијата за финансико разузнавање (се спомнувало името на извесен Божо Трендафилов), со замрзнување на средствата од продажбата и слично.
Веќе следниот ден, на 26 октомври 2018 година, наводно по допрен глас од здружението на пациенти „Нефрон“ за божемни нерегуларности во постапката за доделување концесии за дијализа, Основното јавно обвинителство отвора постапка. Здружението „Нефрон“, пак, експлицитно го демантира своето учество во оваа манипулација, тврди оштетената страна и поседува писмен доказ за тоа. Оштетената страна се сомнева дека „допрениот“ глас, всушност, е гласот на Дончев и дека задоволните пациенти немаат врска со оваа местенка.
Но, државата сепак одлучува да ги замрзне средствата од трансакцијата од купопродажбата, од кои поголем дел се уплатени на сметка на сопственичката во банка во Монако. Инаку, своите приходи од зделката, Иванова уредно, целосно и навремено ги пријавила кај македонските органи, согласно со важечките рокови. Поради замрзнувањето на средствата во банката во Монако, а на барање на Република Македонија, оштетената Иванова сега не е во можност да го плати персоналниот данок, со што му се нанесува директна штета и на Буџетот на РМ.
Другари Швеѓани, вие немајте гајле, ќе го „колеме“ продавачот!
По овие непријатности, инвеститорот, преку шведскиот амбасадор, закажува уште еден состанок со премиерот Заев, кој се одржува на 31 октомври 2018 година. На овој состанок премиерот сега ги пренесува ставовите на Дончев и на Филипче. Инвеститорот е запрепастен од фактот што во шесте месеци по замрзнувањето на првичната одлука за инвестирање во Македонија, никој не известил дека е водена некаква истрага против домашната компанија, сѐ до моментот на потпишувањето на купопродажниот договор. Премиерот го смирува инвеститорот и му вели дека без разлика на сѐ, инвестицијата е завршена работа и за инвеститорот нема да има никакви последици. Швеѓаните ова не можат да го разберат – како нема да има последици врз инвеститорот, а се води истрага против фирмата што ја купиле?!
Конечно, има уште едно писмо од министерот Филипче во врска со оваа работа, упатено на 1 ноември 2018 година, до првиот човек на „Диаверум“. Во писмото, министерот повторно зборува за истрагата на ОЈО и вели дека за тоа го известил шведскиот амбасадор на 22 јануари 2018 година и подоцна на 25 октомври 2018 година, во периодот кога истрага, според подносителот на пријавата, едноставно немало. Четири дена подоцна, на 5 ноември, Ден Дончев го посетил амбасадорот Стафансон и му доставил некакви документи за наводно проблематичната сопственост на фирмата продавач. Амбасадорот бил изненаден што Дончев се занимава со активности кои се работа на други органи и што директорот на Фондот за здравство изигрува нивен адвокат и курир. Патем речено, оштетената страна тврди дека документите што ги покажал Дончев се документи од јавен карактер и во нив нема ништо спорно, а претходно биле неколку пати евалуирани во ревизијата што ја извршил странскиот инвеститор.
Адвокатите на оштетената Вера Иванова својата кривична пријава ја поткрепуваат со документација и со писмена евиденција за преписката во која се допишуваат министерот, странскиот инвеститор и шведскиот амбасадор. Од таа кореспонденција, тврди пријавувачот, јасно се гледа намерата на пријавените Дончев и Филипче да се спречи странската инвестиција во Македонија, со цел остварување имотна корист преку злоупотреба на нивните функции. Затоа, подносителот на пријавата бара Јавното обвинителство да ги преземе сите мерки согласно со законот.
Ќе биде интересно да се види како на ова ќе одговорат пријавените Дончев и Филипче. Во очекување сме на нивната официјална реакција. Секако, треба да се види и тоа дали подносителот на кривичната пријава има и други аргументи и адути, нешто уште поспектакуларно да ѝ соопшти на јавноста.