Македонија се соочува со недостиг од медицински сестри. Во Европа нормите предвидуваат над 600 сестри на 100 илјади граѓани, а во Македонија има 350. Затоа одливот на сестри треба да се спречи преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите, порачаа медицинските сестри од денешната Свечена академија што се одржа во Скопје по повод Меѓународната недела на сестринството.
– Нашиот апел од денешната свечена академија е да се запре одливот на медицински сестри. Бројките во Македонија не соодвествуваат со европските стандарди бидејќи има 350 сестри на 100 илјади жители, а во Европа нормите се над 600 медицински сестри на 100 илјади жители. Затоа велиме дека Македонија се соочува со недостиг од сестри – рече Гордана Бешлиовска, координатор на Унијата на здруженија на медицински сестри.
Запирање на одливот, според неа, е можно така што ќе бидат подобрени условите за работата на медицинските сестри, но и зголемени коефициентите за личните доходи.
Вели дека ова треба да се најде и во стратегијата за здравството, со цел да се надмине дефицитот на кадри во здравствените институции.
Исто така, додаде таа, медицинските сестри треба да излезат од анонимноста и непрепознатливоста и да бидат препознаени преку специјализациите што ги имаат во здравствените институции.
Унијата на ЗМСТАЛ предводена од Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“ организира настан – свечена академија по повод Интернационалната недела на сестринството.
На свечената академија ќе бидат доделени 30 плакети на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри за успешност, хуманост и особен продонес во својата професија за изминатата година
Со специјална награда – плакета постхумно е одликувана сестра Никанда Ќипроска за особен придонес и развој на сестринството во Р.Македонија, а на прим. д-р Димитар Котевски доби плакета за животно дело за посебна афирмација на сестринството преку сопствената фондација.