Ало, Заев 2,овде Геро 1. Курназот. Слушнав дека така ме викале некои типчиња таму околу тебе. Курназ во оставка сум сега. Небитно за приказнава, де…
Сакам да ти раскажам една вистинска случка. Пред некој ден, претседателот Стево Пендаровски свика брифинг со дваесеттина уредници и новинари (тогаш не бев во оставка, па ме викнаа и мене), за да ни го претстави својот кабинет. Збори Стево, а ние пишуеме. И главно молчиме. Така рече чоекот уште во кампањата – да го слушате врховниот командант. Тоа е, нареѓење – извршење.
Вртам со очи околу и чекам реакции на колегите. А ги има од сите провинции. Пардон, провиниенции. Ништо. Нема џагор. Штама. Нема скиселени фаци, нема гримаси, нема никаква реакција. А и зошто би имало?
Ќе спомнам само неколку имиња, колку за илустрација на она што сакам да го кажам. Шеф на кабинетот, Миле Бошњаковски. Миле ко Миле, фин, комуникативен, прибран. Не изгледа онака, на пола, што би се рекло. Баш изгледа цело. Шефовски. Би го турил малку на диета, ама тоа е небитна ситница.
Реди Стево после некои имиња на момчиња и девојчиња што јас не ги познавам. Хмммм… И оп – изненаѓење! Неколку топ имиња со статус на надворешни советници. Мојот драг професор Денко Малески. Само тој да е, доста е, си велам, Стево направил потег на место. Па два-тројца амбасадори. Па онаа фина госпожа Мирјана Лазаревска Трајковска, експерт за меѓународни правни прашања. Да сум јас претседател, би сакал да ја имам покрај себе. Па Беса Арифи, уште еден правен советник. Велат дека и таа е добар познавач на правото, ама сепак ми се чини дека е поважно што станува збор за една симатична дама, Албанка, со перфектен имиџ. Ако разберам дека ги слуша Жељко Јоксимовиќ и Аца Лукас, одма сечам вени!
Ало, Заев 2, ало… Некако ми се губи врскава. Да не снима некој таму, покрај тебе? Овде Геро 1, курназ во оставка. Што ми беше муабетов… Ах да, за дечкиве кај Стевота командантот.
Излегуваме од кабинетот и коментираме лефтерно. На сите, сево ова, за наши прилики, ни изгледа некако ненормално нормално. Аџамиите советници ќе учат од искусни волци, спој на младоста и искуството. Сакам да кажам, не се спомнаа надувани и накурчени деришта („револуционери“, џанам), не видов на списокот самобендисани величини, а изгледа нема ни нудисти, такви што сами се нудат „да помогнат“ за соодветен надомест. Нема некакви сомнителни бекграунди што бодат очи на прв поглед. Добро, ДУИ после нешто се побуни, ама тоа ваљда ќе се среди некако. Со еден збор, нема ништо што би изгледало спорно, а има по нешто спектакуларно во тој избор.
Е сега, правиш ли разлика, драг наш премиере, Заев 1 или Заев 2, кој и да си на линија?
Како што знаеш, Геро 1 ни во оставка не коментира ниту едно од кадровските решенија за кои се определи Заев 2, откако ја сотре целата кадровска листа на Заев 1. Напросто, принцип ми е да не им судам на луѓето пред да си пресудат самите. Секој има право на шанса. И аџамиите. И нудистите. Па и накурчените „револуционери“. Поштено, нели?
Ама пишуваат другите, друже. Читам и се секирам. Откако ти самиот ги отфрли сите кадровски решенија од првата постава – кои беа само твој избор и ничиј друг! – нема ниту едно од имињата што се спомнуваат како твои нови партиски ведети, советници, директори и други функционери, кое не е јавно оспорено. Повторувам, нема ниту едно име што не е оспорено! По разни основи – некапацитетност, конвертитство, непотизам…
Па како е можно тоа, човече? Kaко никој да рече – е тука баш ја погоди, премиере! Па не читаш ли дека луѓево пак вицеви си прават со твоите нови советници? Една пријателка на Фејсбук синоќа напишала: „Денеска шо го советуваа Заев? Каде има добар шопинг мол у Брисел?“
Мака ми е друже за тебе. Мака ми беше и за Заев 1, мака ми е и за Заев 2. Ти не веруваш, сеедно. Мака ми е зашто многу силно посакував, а и сто пати те советував, да се опкружиш со паметни и способни луѓе, со луѓе со здрав имиџ, со работници, а не со фрустрирани фраерчиња и со пичлемиња што се акаат по дискотеки, се сликаат со напучени усни за на Инстаграм и потоа се фалат – еве, ние сме екипата на Заев!
Која екипа, човече?! Аман, запри, додека има време. Опасуљи се! Дај им едно сиктер кафе и фати се за тефтерот. Сакаме да го видиме Заев Зеро, бре, оној што го знаеме од барикадите!
Ти ги мразиш моите совети, така ми е речено, ама јас ќе си бидам упорен. Овој совет денеска ќе биде во форма на прашање. Како што знаеш, Отоманската империја е една од најсилните и најдолготрајните во историјата. Е сега, анегдотава вели дека султанот имал 99 тамам ефендии и еден јок ефендија.
Наградното прашање за тебе е следново – знаеш ли како се заебал султанот?