Пратеникот Енес Ибрахим од Партијата на Движење на Турците во Македонија е првиот од четворицата сведоци кои денеска сведочи во Кривичниот суд за случајот поврзан со насилствата во Собранието од 27 април лани.
Тој кажа дека кога толпата упаднала во Собранието тој бил во галеријата од прес центарот каде Зоран Заев држеше прес-конференција.
– Насилниците влегоа во прес центарот. Еден од маскираните се доближи до Заев, но ништо не му направи, како да ги водеше другите со гестикулации. Потоа се качија и во галеријата. Додека некои го напаѓаа Павле Богоевски, други ги бараа Мухамед Зекири и Фросина Ременски. Еден од насилниците ме влечеше и велеше „сега ниту Ердоган нема да те спаси“. Откако го истепаа Павле, се насочив да излезам, еден ме влечеше за врат и паднав кај вратата. Ме удираа со клоци кратко, но не ги видов кои се зашто си ја чував главата – сведочеше Ибрахим.
Кога станал на нозе сакал да се симне по скалите и да избега.
– Почнаа да викаат „Турчинот бега“. Не направив поголема паника, им реков дека одам до тоалет и се враќам. Тие се збунија и останаа. Немав клуч со мене од мојата канцеларија. Одлучив да одам во заедничките канцеларии на нашата пратеничка група – сведочеше пратеникот.
„Веќе сте готови, ќе ве убиеме“, „Вие сте шиптари“, како и пцовки на турски јазик било дел од тоа што го слушнал пратеникот.
Во заедничките канцеларии видел двајца пратеници и дел од асистентите со кои отишле во гаражата од каде по еден час ги евакуирале во канцеларијата на пратеникот Влатко Ѓорчев.
– Тука ги сретнавме и другите колеги. Најчудно беше кога видов двајца насилници во просторијата до канцеларијата. На полицајците им реков дека тие се насилници, но ми рекоа „не, тоа се наши колеги“ и ја затворија вратата – кажа Ибрахим.
По сведочењето на Ибрахим, во судница откако ќе заврши паузата треба да влезе и тогашниот пратеник, а сега заменик министер за образование Петар Атанасов.
Пратеникот Енес Ибрахим во судница рече дека во Собранието препознал еден од обвинетите, Мунир Пепиќ. На прашања од адвокатите рече дека го видел само во еден момент, но не го видел со насилничко однесување.