Ништо не е како што треба. Добро утро!

1129

Кога пред повеќе од три недели напишав дека највидливиот симбол на ВМРО-ДПМНЕ, нивната грда џиновска дивоградба оди на „добош“, не реагираше никој. Но, деновиве веќе се токми огласот за продажба. Лапнале пари, зградата ја дале под хипотека и сега нема од кај да ги вратат. Милиони и милиони евра…

Но, тоа е најмалиот проблем со кој се соочува Мицкоски деновиве. Во неговата „тотална војна“ против сите, тргна и на еден од најмоќните членови на Фамилијата – Мијалков. Е, тоа ќе боли. Така, глупавиот видео спот од стражарската кула ќе остане забележан како комично збогување со таа куќа на политичкиот грев, а и со неговата политичка кариера.

Лошиот виц – Мицкоски

Во опширното писмо на Мијалков до Мицкоски, меѓу останатото, се наѕира уште една истрага – за потеклото на имотот на Мицкоски и неговите хидроцентрали… Нема да помине ни евтиниот трик на прес центарот што сѐ уште е под контрола на Мицкоски, дека писмото на Мијалков го напишал Орданоски, нема да помине ниту глупавиот спот, ни хистеријата, ни исклучувањата…

Без оглед на тоа колку се борчлии за зградата, партискиот прес центар, изгледа, прима пари од некое друго чекмеџе. Партискиот агитпроп работи со полна пареа, па дури и в недела испраќа дури седум соопштенија. Ништо од тоа нема да му помогне на Мицкоски.

Дури и Фамилијата, барем дел од неа, ќе се извлече (како што изгледа), но тој навистина ја „уплеска“ до крај. Мицкоски и не покажа многу во текот на своето краткотрајно дружење со „ѕвездите“, но секако завршува како виц. И тоа лош. Скоро исто толку лош како оние за Солза, Гоца Шлем, Бачев, Миленко, Чилиманов и Мирка и „остали“… Кутриот, не му успеа да остави впечаток, иако падна и на колена онаму, на митингот во Штип.

„На шала, на смеа“

Добро, толку за еден од најголемите лузери, а сега да видиме што сѐ ни се собра оваа година… Добро е да почнеме со време да резимираме, имаме многу материјал… Да прегледаме неколку свежи белешки за тоа како ни отиде уште една година од животот.

Барем однадвор, сѐ уште изгледаме како да сме застанале на нозе. „На шала, на смеа“, Заев ги отвори портите кон светот по изолацијата што ни ја обезбеди налудничавата Фамилија, ги освои симпатиите на целата западна хемисфера, а не нѐ скара ни со Истокот. Се разбира, тоа не се постигнува „ни со шала, ни со смеа“, туку со многу труд и внимателно следење и разбирање на сигналите.

Сепак, Македонија остана во партали, босонога и гладна, очигледно неспремна за излегување од тврдата кошмарна чаура на тешкиот, грозничав живот, полн со непријатни изненадувања. Башка, по дома се испокаравме уште повеќе – и по етничка и по политичка линија, а ни клерот не нѐ заобиколи.

Паролите звучат убаво, сѐ уште ѕвонат благопријатно во ушите, но стомаците на гладните не престанаа да вијат.

Соочување со реалноста

Можеби влезот во НАТО се наѕира некаде таму, на хоризонтот, но почетокот на преговорите со ЕУ, да се разбереме, во моментов е само бајка. Точно е, има позитивни сигнали, слушнавме преубави зборови на пофалба и поттик од еуро-лидерите, но освен што самофалбено и восхитено се смешкаме, дома ни оддалеку не ни оди така како што ни оди во надворешната политика.

Владеењето на правото и борбата против корупцијата ќе бидат првите, а веројатно и последните точки на кои ќе се фатат, тогаш, не толку насмеаните еуро-функционери. Нема да бидат насмеани, не само затоа што Европа често се води според двојни стандарди, туку затоа што ние нема да имаме доволно аргументи за нивните критики. Македонската делегација тогаш ќе има многу долг и тегобен лет од Брисел за Скопје. Слаб ќе биде тогаш и изговорот дека ЕУ отишла десно, по мајските евро-парламентарни избори, кога се очекува една третина од власта во ЕУ да освојат десничарски популисти што на Западен Балкан гледаат со презир.

По ѕвездениот скок во меѓународните односи… Нема изговор за сѐ што мораа, а пропуштија да направат новите власти оваа година. Една малтретирана и измолзена земја во која предолго царуваа криминалот и корупцијата, не може, а да не се надева (макар и нереално) на брзи и коренити промени. Какви што секако нема, барем не сѐ уште (да не бидам тотален песимист). Наместо промени – бавни процеси придружени со скандали, наместо правда – нејасно помирување. Наместо резултати – изговори. Лоши.

Во густата пајажина…

Владата ќе прави Стратегија за едно општество и интеркултурализам, за помирување на сите нивоа, меѓу сите заедници. Уште една „прекрасна“ можност нешто да се разбере тотално погрешно, а уште полошо да се спроведе, преку грантовски шеми, придружени со спинови, скандали и принципот „за сите по малку“ (за десни и леви, но и за „неутралци“). Нешто како лошиот превод на помирувањето со (сега веќе на големо очекуваната) амнестија на изведувачите на обидот за државен удар на 27.4.2017. Кој како сака, така си разбира. И, што попогрешно разбрал, толку погласно се буни…

Убаво е сето тоа, ама сѐ почесто се поставува прашањето кога ќе видиме функционирање на правната држава. Луѓето сѐ уште страдаат од неправедните одлуки на судовите, комисиите, општинските совети, парламентот, управните одбори… Се тресат од секој плик што ќе им стаса на адреса, затоа што во него може да има нови и непријатни вести, потпишани од извршители… Плаќаат за парно што не го користат, плаќаат за здравство што ги убива, плаќаат за бесплатното образование што произведува полуписмени и неписмени генерации…

На сите страни, буквално на секој ќош, продолживме да ги гледаме тешките последици од злоупотребите на службената позиција од портир, до шефче и до директори и министри… Како густа пајажина, нѐ следат криминалот, лошите потези, незнаењето и лакомоста и во минатото и денес.

И секогаш подебелиот крај го извлекуваат оние што немале партиски грб. И тоа силен партиско-фамилијарен грб, не зборуваме за топовското месо на обичната партиска пешадија, изгубена во простор и време, а најмногу во простотилак. Стратегијата за едно општество, ненапишана, ја спроведуваше Студентскиот пленум во 2014/2015, стечајците, неколку вистински посветени граѓански организации, Шарената револуција… Дали сме на тој пат, сѐ уште?

Дека сите сме еднакви, нели?

Заев ги зеде во заштита пратеничките и пратениците што гласаа за уставните измени. Исправно, па и повеќе од тоа. Но, ни збор за сиот прогон што на својот грб го чувствуваат илјадници неистомисленици со режимот на Груевски, до денешен ден.

Ни збор за казни од по десетици и стотици илјади евра што ги плаќаа бизнисмените што не сакаа да плаќаат рекет, а ги наплаќаа институциите што беа партиско-криминално оружје. Ни збор за сите трошоци, за понижувањата и малтретирањето по ходниците и шалтерите на институциите каде што со само еден телефонски повик се уништуваа цели семејства. Ни збор за сите судски процеси што ги губевме, ако само се осмелевме да го тестираме системот и да побараме заштита од институциите.

Куририте до денешен ден истураат купишта лаги и омраза врз нашите глави, но, ништо за тоа, ние сме навикнати… Сѐ уште ни должат пари судовите за судски процеси што сме ги добиле, сѐ уште ни должат отштети Миленковци и „остала братија“, но затоа завршуваат во полициска станица ако посегнат по „заштитените“ пратеници. Дека сме еднакви пред законот, сите ние, нели?

Супер тајните параграфи во Уставот

Приказната за помирувањето, колку и да е нејасно претставена, може да биде убава приказна. Но, ако се разбере погрешно, а веќе е случај токму тоа, може да биде влезница во пеколот. Заев повикува на помирување, ВМРО-ДПМНЕ држи жестоки прес конференции пред седиштето на неговата партија.

Како што сега стојат работите, ние сега зборуваме за простување на оние што и не помислуваат да ги признаат гревовите и не планираат да ги напуштат старите навики. Не знам за другите, но тоа мене не ми изгледа како процес на помирување. Не знам ни како се очекува помирување меѓу „обичните смртници“ (дека овие другиве се богови, нели?), кога семето на раздорот сѐ уште непречено го сеат токму клеро-фашисти и радикали. Или и тие ќе напишат неколку параграфи во законите и во стратегиите, па сите среќни и весели ќе запееме… секој своја песна.

Христијанските верски лидери повикуваат на протести со радикална националистичка реторика, муслиманскион лидер го брани кралот на Саудиска Арабија чиј режим буквално искасапи еден новинар пред некој ден, а ние се спремаме на помирување. Изгледа дека секуларниот карактер на државата се супер тајни параграфи од Уставот, напишани со невидливо мастило, читливи само со УВ ламбите на ДИК (што не работат).

Добро, ќе речете, немаше да имаме проблеми, ако решенијата беа толку лесни. Сепак, прашање е дали навистина сакаме да ги решиме проблемите или заглавивме во Чистилиштето во кое најмалку се чисти, а вечно се чека. Па, еве, и да сакаме, прашање е дали умееме да станеме нормална земја. А и да станеме, со некое волшепство од сказните, светот веќе отиде по ѓаволите.

Ништо не е како што треба. Добро утро!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...