Ништо важно не губиме, а многу ќе добиеме!

Предлогот е краток и освен додавката Северна, се друго нема никаво поголемо значење и не е на штета на државата и нацијата. Остануваме тоа што сме и затоа со најголема убеденост, сакам да им порачам на сите разумни луѓе да не се плашат-ништо важно не губиме а многу ќе добиеме.    

1788

Колку апурдно! Оние кои се прикажуваат како патриоти, загрижени за безбедноста на земјата, со бојкотирање на референдумот и отфрлање на  уствните измени кои произлегуваат од договорт со Грција, ја ускратуваат можноста на државата за поголема безбедност, како членка на НАТО. Бијат ли барабаните за нова политичка криза?

Дали  е случајно што во континуитет иста политичка гарнитура и исти луѓе од интелектуалните кругови се против? Тие се против политиката на признавање(на обесправените и дискриминирани општествени групи),против  јазичната правда, против придобивките на Охридскиот договор, против политиката на мултикултурализам. Тие сметаат дека ова се прашања на безбедност а не на правда и во се гледаат  иредентизам и нелојалност на луѓето од друга националност. Ако веќе мислат така, зошто се противат на влезот на земјата во една силна безбедносна организација? Има ли тука логика?

Одговорот е двосмислен, има и нема. Нема, бидејќи нив ги води желба за освета и лична суета. Тие се против, зашто САД, ЕУ и НАТО застанаа на страна на Босанските Муслимани во граѓанската војна во БиХ; зашто НАТО ја бомбардира Србија со цел да го запре страдањето на цивилното население во Косово;  зашто притиснаа да се склучи Охридскиот мировен договор и да се исцртаат нови граници на општините. Најмногу се против, зашто Западот одобри да се разоткрие, преку тајните снимки и специјалното јавно обвинителство, еден крајно корумпиран и самоволен режим! Тука е нивната болка, но речено е дека, човекот е рационално битие, кога на крајот треба да донесе одлука, следејќи го својот интерес. Евентуално, подршка на договорот во замена за запирање на ‘политичките пресметки’.

Патриотизмот во неговото најромантично издание е другото лице на групниот(националиисички) егоизам а народ кој добил  меѓународно признавање на својата држава во кратко време, може да ја сврти таа иста меѓународна заедница против себе, ако не знае каде да запре во својата алчност.  По десетгодишни војни и кризи во Балканскиот регион, меѓународна заедница ја научи лекцијата: не виси на оградата во улога на посматрач туку ангажирај се активно, зборувај со еднинствен глас денес, за да не се ангажираш, утре, кога конфликтот ќе се прелее и ќе ги загрози твоите интереси, само со далеку повисока цена!  

Случајно во неделата во парк се разминав со висок млад партиски функционер од опозицијата. Одлично расположен! Ја фатил сопругата за рака и лета од радост! На што се радува?

Не ми се верува дека некој не знае во каква безбедносна, економска и политичка ситуација се наоѓа земјата. Но, не е до знаењето, туку е до ‘политиката‘ и се што се подразбира под тој поим, кај нас. Најчесто, прилика за брза промоција,  да се стане ‘некој и нешто’, без при тоа да се минат ‘здодевните’ филтри на системот на ‘заслуги и способности’. Загриженоста за уставноста и законитоста е само изговор и учено незнаење. Нема одговор на прашањето како ќе се одбрани уставното  име, како ќе се постигне подобар договор и кога? Се плашам дека, зад ‘легализмот’ денес се собрани сите што се за статус кво. Тие имаат подршка од Русија која не здодева со човекови и малцински права. Тука не се оспорува лелгитимитетот на овие и вакви политички сили се додекаа не се јават како промотори на криза од пошироки размери. Предупредувањето на Хан и  светските лидери дека ВМРО-ДПМНЕ целосно ќе ја сноси одговорноста за затворање на вратите на ЕУ за Македонија ако не помине договорот, треба сериозно да се разбере.

При решавање на високо емотивните конфликти, за да се премости психолошката пречка-стравот од промени-препорачливо е, да се почне со испишано парче хартија. Таква хартија-предлог за измена на Уставот-утре влегува во собраниска процедура а текстот е достапен за јавноста. Предлогот е краток и освен додавката Северна, се друго нема никаво поголемо значење и не е на штета на државата и нацијата. Остануваме тоа што сме и затоа со најголема убеденост, сакам да им порачам на сите разумни луѓе да не се плашат-ништо важно не губиме, а многу ќе добиеме.  

 

Мирјана Малеска

 

,

 

,

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...