Ничија земја е воена терминологија и се однесува на територија на фронтот, која се наоѓа помеѓу непријателските формации или радиоактивен терен, откако ќе експлодира нуклеарна бомба.
Ова не е за војната, туку за реформите, па и за оние во земјоделието. Додека говориме за името, јазиците… парите сѝ одат. Да не биде, додека да го решиме името, да мора да се задолжиме, оти имет ренде, имет кувар, имет келнер, ама зарзават за салата немет. Субвенции – имет. Данок за земјоделци од 2 отсто – немет (образложението е дека „и онака не го плаќале“, исто како и осигурувањето на посевите).
Македонија, без војна, е полна со „ничија земја“, а хидрогенската бомба, која кај нас експлодира е од типот „вемере“, макар што се спремала и посовремена, од типот „есдеес“. Едноставно, пред воведувањето на земјоделските субвенции, земјава имаше најмалку 32 отсто ораници повеќе – отколку сега, а тоа е директна последица на целиот систем на државна политика со субвенциите и злоупотребите на државното земјоделско земјиште. Важен дел на тој „систем“ е Агенцијата за поддршка на земјоделието, со скоро илјада вработени и 0 (и со букви: нула) капацитет. Такви „институции“ за партиски војници има на претек, а ние ги плаќаме, за да го пустат домашниот зарзават, оти имет странски (увозот на храна е зголемен над 50 отсто, некои велат и 70 отсто) раскошни зарзавати, исти како нашите, ама потегави и поубаво запакувани.
Пред 7-8 години, во една рурална општина во Пелагонија, имавме стручен панел за влијанието на земјоделската и земјишна политика врз руралните општини и сите ние „градските“останавме како удрени од струја, кога градоначалникот на општината раскажа што сѐ се прави со разните видови субвенции и земјоделското земјиште. Кажувањето на градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ, сосема слободно – пред камера, во време кога сите молчеа, укажува јасно, дека тој беше толку многу јадосан, што ја заборави и партиската кауза: молчи и кради. Во секоја минута, тој претстави барем по три кривични дела, од делењето на стотици хектари државно земјоделско земјиште, кое не го обработуваат, иако на него течат субвенции, па до „садење“ лешник на земјиште, кое капка вода не го полева – освен дождот, пријавување иста парцела по повеќе пати, на повеќе имиња, до враќање пари на …. Вистински хорор, со наши и европски пари.
Критериумите („папирите“) за добивање ИПАРД средства, секоја година се минимизираа, за да се зголеми процентот на искористеност. Како се кратеа критериумите, така се полнеа „телата за имплементација“ на ИПАРД – от, со партиски војници. Кога се преполни тоа „агенцијата“ и кога не знаеја што да им дадат да работат (кога нема избори), им наредија: Собирајте податоци! Ова го знам од „ќутук“, од усните на „шефот на агенцијата“, кој мислеше дека така требело, оти немет капацитет, ама имет ренде.
Скоро пред пет години, имавме стручен панел со фактори и актери во земјоделието и на „урбаниот“ панел, со свое присуство нѐ почести „регионалниот шеф“ (така го викаа вработените), лично. Така, тој кажа дека „агенцијата“ се отепуела од работа, оти собирале секакви податоци – тоа им било работа, зошто советувањето не им одело, оти селаните поставувале многу конкретни прашања (советодавците биле историчари, лаборанти, социолози…). Погодувате, овие, без било каков формулар за собирање податоци, бележеле и катастарски податоци, кој има кола, регистрација, кој е женет/мажена, какви проблеми имаат луѓето, каде и како пазарат, дали слушаат турбо српски или македонски фолк, кој – на кого е љубовник/ца… Овие ливчиња биле собирани и праќани во „столицата“, а што таму правеле со нив, манекенот од „агенцијата“ не знаеше да каже. Еден, кој го знаеше одговорот, пред „најголемите“ од партијата, рекол дека, со субвенцииве и агенцииве правиме „ничија земја“, која природата повторно сѝ ја зема назад и дека е гревота тоа. И тој и жена му биле избришани од сите списоци… Затоа и објаснував што е тоа „ничија земја“, оти кога не сфатило највисокото раководство на вемерето, можно е и други да не сфатат (веќе се уверивме во тоа).
Во земјоделието се потребни храбри чекори. „Народот“ е испоганет од криминал, а последиците се катастрофални. Никој не сака да работи, оти криминалот нуди повеќе, а со земјоделските субвенции, не мора ниту да се испотиш. Земјоделецот треба да произведува, а не да го подмитуваме заради гласот на избори. Колку и да им даваме, тие ќе сакаат повеќе и повеќе, за својот глас. Нема тука долна граница. Рендето е кај нив.
Ние би требало да бидеме земјоделска земја, според бројот на земјоделци, а земјоделието бара стручно водство и визија. Освојувањето на ничијата земја мора да тргне од тоа Министерство за земјоделие, а за тоа да се случи, првиот чекор е „подзачистување“, а не подлигавување. Ако тоа оди така, се надевам дека ќе им останат десетина вработени. И толку е доста, за да се дојде до „здраво ткиво“.
Останатите ќе можат да одат „во освојување“ на земјоделското, наместо на урбаното земјиште, кое ренде го сторија од менување на ДУП – овите, по желба и потреба, а рендето да го заменат за трактор – гасеничар, за освојување на ничијата земја (за историчарите и социолозите од МЗШВ едно објаснување: тоа е машина, со која земјата се подведува под земјоделски „режим“. Култивација на земјиште е процес на …).
Веројатно, нема да ви треба, но не може да шкоди (штети).