Ниту некој барал, ниту пратил контрола за боледувањето на Катица Јанева

1656
20160212 Friday katica janeva

Досега ниту некој излегол на терен ниту пак побарал од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), кој ја има таа надлежност, да го провери боледувањето на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, велат од Фондот за Плусинфо. Ако стигне барање, тогаш ќе го проверат.

Фондот нема увид во боледувањата кои се до 15 дена, додека тие што се за подолг период подлежат на редовна контрола. Но, ФЗО може да има увид и до оние што се со максимум 15 дена ама во такви случаи, контрола најчесто се прави врз основа на писмено барање од работодавецот односно самото СЈО, на осигуреното лице – во случајот лично Катица Јанева или на барање од некои други надлежни институции. Кои, во писмениот одговор од ФЗО, немаат прецизирано.

– Досега до Фондот нема доставено барање на работодавач или друг надлежен орган за контрола на боледувањето на осигуреното лице за кое прашувате. Во случај на боледување до 15 дена, Фондот нема увид во боледувањата кои се отвoраат и издаваат од страна на избраните лекари, за да може да врши редовни контроли по службена должност, а по евентуални барања за контрола, може истата да се изврши – велат оттаму.

Боледувањето на шефицата на СЈО траеше 8 дена. Таа го отвори на 16 јули, ден откако ја објави својата одложена оставка и откако беше отворена истрагата за случајот „Рекет“. Истото, самата го прекина на осмиот ден, на 23 јули, кога се врати на работа и првпат се појави во јавност по избивањето на аферата.

Докторката која го отворила, како што вчера објавија ТВ 24 и Телма, е директорката на психијатриската болница-Негорци Љуба Цилкова, чиј сопруг, Методи, од први април 2016-та е ангажиран како доставувач во СЈО.

Меѓутоа, спорноста на боледувањето во јавноста се наметна и околу првичното времетрање. Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски со објава на социјалните мрежи приложувајќи и фотографии, посочи оти боледувањето кое ѝ е издадено на Јанева било за период од 30 дена, односно од 16 јули до 15 август. Со тоа тој го отвори и прашањето како може да се даде боледување од толкав период без пациентот да оди на комисија?

Од СЈО, пак, вчера за Плусинфо не сакаа да дадат коментар за објавата на Милошоски, а кратко одговорија оти боледувањето, како што им кажала Јанева, е отворено кај матичен лекар и е за период од 15 дена, а не за 30.

Инаку, постапката за издавање боледување е регулирана со Законот за здравствено осигурување и Правилник. Според таа регулатива, до максимум 15 календарски дена боледување може да издаде матичен лекар. Ако тоа е и пократко, односно до 7 дена, лекарот може да го издаде и без примена на критериумите, само врз основа на усвоени доктринарни ставови и дијагностички терапевтски постапки.

За повеќе од 15 дена, пак, мора да има наод, оценка и мислење на првостепената лекарска комисија на Фондот (ПЛК). Таквата комисија одлучува врз основа на отпусно писмо и/или специјалистички или субспецијалистички извештај за дијагнозата и терапијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...