Загрозениот сведок во Монструм нема да се слушне ниту денеска. Се е спремно, има технички услови, но еден од судиите, Осман Шабани, од вчера заминал на боледување.
Неговиот колега, судијата Огнен Ставрев, рече дека половина час пред денешното рочиште од претседателот на судот дознал оти неговиот колега се разболел.
Рочиште за исказ на овој сведок беше закажано и за минатата недела, на 5 јули, но беше одложено поради недостиг од технички услови за сослушување односно услови со кои ќе се скрие идентитетот на сведокот.
Предметот „Монструм“ е отворен за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, а во првичната постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.
Предметот сега е цо рацете на СЈО. Следните рочишта кои треба да се одржат закажани се за 22 и 24 август.